Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во наредната година очекува зголемување на кредитната активноста на банките и намалување на каматните стапки, а основа за тоа, како што посочи, се земената кредитна линија од 480 милиони евра од ММФ и заживувањето и стабилизирањето на македонската економија.

&nbsp

– Сметам дека со чекорите што се презедоа во 2010, а тоа се координирано и синхронизирано намалување на каматните стапки и на Централната банка и на државните записи, како и со одржување на строга фискална дисциплина се помогна да се креираат очекувања кои кај банките ќе овозможат да се зголеми кредитната активност и да се намалат активните каматни стапки, изјави Ставрески, одговорајќи на новинарско прашање по денешното потпишување на договорот за заем за проектот на Град Скопје за изградба на катни гаражи.

&nbsp

Тој очекува дека овие нови моменти – кредитната линија и стабилизацијата на економската активност, банките да ги земат предвид во своите анализи и тоа да доведе до намалување на каматните стапки. Според него, тоа се сепак процеси кои во еден посткризен период не можат да се случат одеднаш, иако евидентна е тенденцијата дека за подобрите клиенти веќе има извесно намалување на каматните стапки.

&nbsp

– Банките ќе имаат постабилни услови за кредитирање и повеќе расположливи средства, така што не гледам причина, се разбира за здрави, профитабилни проекти да не се зголемува кредитната активност за 10 до 15 проценти следната година, истакна министерот Ставрески.

&nbsp

На зголемувањето на кредитната активност се очекува да влијае тоа што со средствата од ММФ и можното издавање еврообврзница ќе останат поголем износ на средства слободни од домашните банки за да ги пласираат во проекти.

&nbsp

Во текот на оваа година кредитната активност на банките е зголемена за 9 проценти, што според министерот е солидно, имајќи ги предвид околностите.

&nbsp

Според директорот на НЛБ Тутунска банка и претседател на Здружението на банкарство при Стопанската комора на Македонија Ѓорѓи Јанќевски, банкарскиот сектор согласно сигналите од НБРМ во текот на оваа година ги намали каматните стапки и се очекува наскоро анализа за тоа колку изнесува просечното намалување на каматните стапки.

&nbsp

– Каматите паѓаат, иако со побавно темпо од тоа што го очекуваат клиентите, рече Јанчевски и додаде дека каматните стапки исто така зависат и од бонитетот на клиентите и од видот на обезбедувањето.(МИА)

Comments are closed.