Скопје, 21 август 2012 (МИА) – Македонија и официјално доби 46,4 милиони евра од Европската банка за обнова и развој со коишто од почетокот на следната година ќе почне изградба на делницата Куманово – Бељаковце од пругата што треба да не поврзе со Бугарија.

 

Договорот за заемот го потпишаа денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорката за транспорт на Европската банка за онбова и развој (ЕБОР) Сју Барет.

 

Условите под кои ЕБОР и го доделува заемот на Македонија, истакна Ставрески, се исклучително поволни, со рок на отплата од 15 години и грејс период од четири години. Каматната стапка за заемот е шестмесечен ЕУРЛИБОР плус еден отсто и моментно изнесува 1,7 проценти.

 

Проектот предвидува рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридорот 8 на делницата Куманово – Бељаковце, со должина од 30,8 километри. Градбата ќе почне во првиот квартал на 2013 година и ќе заврши во 2017 година, а работите ќе ги координираат Министерството за транспорт и врски и ЈП Македонски железници Инфраструктура.

 

Според вицепремиерот Ставрески, железничката пруга кон Бугарија конечно ќе стане реалност, а бенифитите ќе бидат зголемена конкурентност на Македонија, пониски трошоци за транспорт и алтернативна транспортна рута за стопанството.

 

– По 20 години ветувања и почнати и нереализирани проекти, односно почнат проект што не беше реализиран до крај и претставуваше само загуба на средства, конечно оваа Влада обезбеди финансии за реализиција на еден од најзначајните транспортни коридори за железничката пруга од Куманово до Бељаковце, а во продолжение и делот од Бељаковце до Крива Паланка и од Крива Паланка до границата со Република Бугарија. Тоа ќе овозможи да се подобри конкурентноста на Македонија, да се обезбеди транспорт на стоки и луѓе со пониски трошоци, како и уште една алтернативна транспортна рута за македонските производители и компании, рече Ставрески по потпишувањето на договорот.

 

Тој оцени дека фактот што проектот се реализира во соработка со ЕБОР како значаен и познат меѓународен партнер дава кредибилитет оти овој пат за разлика од 90-тите години кога беше неуспешен, ќе биде целосно завршен и Македонија ќе добие уште еден транспортен коридор, нагласи Ставрески, потсетувајќи дека со помош на ЕБОР во Македонија се реализираат повеќе транспортни проекти, како што е подорбувањето на регионалната и локалната мрежа, завршувањето на автопатот на Коридорот 10, енергетското поврзување на Македонија со Бугарија…

 

Директорот за транспорт во ЕБОР Барет истакна дека ставењето во функција на железничкиот коридор е стратешки за Македонија и ќе и овозможи пристап и пократка рута до пристаништата на Црното Море, како и забрзување на регионалните поврзувања. Завршувањето на овој коридор ќе отвори нова трговска рута и ќе ја подобри регионалната интеграција во полза на растот на Македонија и нејзините соседи. Со тоа се очекува да се стимулира и регионалната економија, бидејќи протокот на транспортот ќе биде полесен, истакна Барет.

 

Проектот е поддржан и со грант во износ од четири милиони евра, обезбедени преку програмата на ЕУ за инвестиции на Западен Балкан. Тие пари се наменети за изработка на проектната документација, подготовка на тендерот и помош при имплементација. Со проектот ќе се воведе и енергетски менаџмент систем, што ќе биде поддржано со грант од 175.000 евра, обезбеден од Централната европска иницијатива.

 

Министерот за транспорт Миле Јанкиески информира дека целата документација е веќе подготвена и се очекува тендерот за избор на градежна компанија за делницата Куманово – Бељаковце да биде распишан кон средината на следниот месец.

 

– Исто така, Владата продолжува со ангажман околу обезбедување пари и потребна техничка документација за останатите делови од пругата. Веќе се обезбедени финансии кои ќе бидат искористени за надзор на работите на делницата Куманово – Бељаковце, а е објавен и тендер за избор на консултант што ќе ги изработи проектите за делницата Бељаковце до Крива Паланка. Се очекува тие активности да завршат до 2015 година и да почнат градежните работи, рече Јанакиески.

 

Досега ЕБОР има инвестирано над милијарда евра во преку 80 проекти во Македонија.

 


 

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.