Вашингтон, 23 април 2010 (МИА) – Македонија од економскиот напредок што го направи изминатите неколку години, а кој го забележаа и меѓународните институции, очекува бенефит не само на политички план, туку и во однос на привлекувањето странски инвеститори, изјави попладнево во Вашингтон вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Тој, како што јави известувачот на МИА од Вашингтон, пред повеќе американски стопанственици во седиштето на фондацијата Херитиџ одржа презентација за деловниот амбиент и бизнис условите што ги нуди Македонија.
– Од остварениот напредок очекуваме економски бенефит, но никој не може да каже кога тоа ќе се случи, дали утре, после една или две години зашто не зависи само од напорите на Владата и од Македонија генерално, туку и од самите инвеститори. За жал, светската криза не е најдоброто опкружување за носење одлуки за проширување на бизнисот во друга земја. Сепак е значајно и во овој период да останеме ангажирани, да покажеме сериозност и одговорност кон инвеститорите дека кога тие ќе решат, ние сме подготвени да ги примиме, нагласи Ставрески. Според него, позитивните коментари и рангирањето на Македонија од Светска банка, Транспаренси интернешнал и фондацијата Херитиџ секоја година на повисоко, подобро место, има и придобивка во политичка смисла.
– Светот, политичарите и државниците слушаат за Македонија во позитивно светло. Добро е за земјата да се зборува на таков начин. Тоа ни е потребно во целиот процес, во напорите што ги правиме за интеграција во ЕУ и НАТО, истакна министерот.
Поедноставување на административните постапки за стопанството, редуцирање на регулативата, таксите и тарифите, намалување на трошоците и скратување на времето за почнување нови бизниси, беа само дел од реформите на кои се осврна Ставрески во презентацијата. Еден од приоритетите на Владата, рече, е обезбедувањето поддршка за малите и средните претпријатија.
– Обезбедивме кредит преку Европската инвестициска банка по значително поволни услови, ја лимитиравме каматата на шест отсто што верувам ќе предизвика голем интерес кај малите и средните фирми и многу брзо искористување на останатите средства од оваа кредитна линија. Потоа ќе можеме да обезбедиме нови. Воедно, ги намалуваме административните трошоци за добивање различни дозволи и лиценци, напомена Ставрески.
Осврнувајќи се на финансиската криза во Грција, вицепремиерот оцени дека постои ризик да се наруши трговијата меѓу двете земји ако мерките на грчката Влада предизвикаат социјални немири или евентуално штрајкови, посебно на цариниците, но не се очекува повлекување на грчките инвеститори од Македонија.
– Во овој дел може да има извесно нарушување на соработката меѓу македонските и грчките фирми. Во остантиот дел, во инвестициите пред се, во финансискиот сектор, не очекувам да има проблеми зашто финансиската регулатива во Македонија стриктно го следи работењето на банките, адекватноста на банкарскиот капитал е сосема солидна, рече Ставрески.
Тери Милер, директор во фондацијата Херитиџ, пред презентацијата на Ставрески, ја претстави Македонија како земја со стабилна економија и ниска стапка на инфлација, „супер стар“ во однос на реформите и слободната економија.
– Македонија ја потврди својата извонредна позиција во изминатите неколку години, значително го зголеми индексот на слободна економија, покажувајќи најголем напредок во светски рамки. Со брзи чекори се приближува кон европскиот просек, рече Милер.
Вицепремиерот и министер за финансии Ставрески утре, во рамки на пролетните средби што ги организираат Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон, ќе се сретне со високи претставници од овие две меѓународни финансиски институции.