Скопје, 13 ноември 2012 (МИА) – Македонија ќе биде вклучена во гасоводот „Јужен поток“, со крак. Од руската страна Македонија доби предлог договор за да се потпише меѓудржавен договор кој се очекува да биде финализиран, по што ќе следи и конечното потпишување, истакна денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

 

– Со сигурност Македонија ќе биде дел од „Јужен поток“ и тоа е голем успех за Македонија, а за идните генерации ќе донесе стабилна и сигурна испорака на гас за стопанството и цената на гасот што ќе се плаќа, рече Ставрески, додавајќи дека до пред неколку години Македонија не беше планирана да биде дел од овој гасовод.

 

За тоа каде ќе биде кракот со кој ќе се приклучи Македонија кон гасоводниот систем, министерот рече дека ќе се определи кој е најекономски и најисплатлив начин за да се изведе кракот и оти тоа е работа на експертите. Ќе се види дали е најиплатливо паралелно да биде со постоечкиот, дали да се искористи постоечкиот и да се продолжи или да се направи преку Србија за да се обезбеди дополнителен влез на гас во Македонија или некое трето решение, посочи Ставрески.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.