Скопје, 17 октомври 2013 (МИА) – Очекувањата на Владата се дека оваа година растот на македонската економија ќе биде повисок од оној што е проектиран на 2 проценти. Поголем раст на македонската економија предвидуваат и повеќе меѓународни финансиски институции, како ММФ, која ја ревидираше стапката на раст за годинава на 2,2 проценти, потоа Фич, кој предвидува раст од 2,7 проценти, а и Народната банка на РМ очекува повисок раст од проектираниот.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, добро e да се успее оваа година да се оствари повисок раст од предвидeниот. – Добро е е да бидеме подобри од она што сме проектирале во делот на економскиот раст. Секако на страна на реализацијата на приходите и расходите до крајот на годината очекувам повисок степен на реализација во однос на претходните години, бидејќи во првите осум-девет месеци имаме подобра реализација на капиталните инвестиции, изјави министерот Ставрески одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.

Тој потенцира дека се зголемува бројот на агенции и меѓународни финансиски институции што предвидуваат зголемување на економскиот раст за 2013 година за РМ и дека со секој нов извештај добиваме потврда дека нивните видувања на македонската економија се позитивни и оти македонската економија ќе има повисок економски раст.

– Неодамна во Вашингтон имавме средби со ММФ и СБ и нивните очекувања се позитивни, односно дека Македонија ќе оствари повисок раст оваа година. ММФ го ревидираше растот на 2,2 проценти, сега Фич предвидува раст од 2,7 проценти, НБРМ, исто така, излезе со поголема проекција. Очекувањата наши се дека економскиот раст ќе биде повисок од проектираниот од 2 проценти, меѓутоа, со оглед на тоа дека ребалансот на Буџетот за оваа година беше поднесен во Собранието и подготвен 2-3 месеци пред објавувањето на овие последни податоци, ние останавме на проекција формално на онаа што стои во тие документи. Но, моите очекувања и очекувањта на Владата се дека РМ ќе успее оваа година да оствари повисок раст од предвидениот и тоа е добро, изјави министерот Ставрески.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.