Порастот на индустриското производство во март за 24,5 проценти во однос на истиот месец лани е добар знак дека македонската индустрија ја очекуваат подобри денови, оцени денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

&nbsp

– Имаме охрабрувачки податок за пораст на индустриското производство во март од 24,5 проценти во однос на минатиот март. Тоа е уште еден добар знак дека македонската индустрија ја очекуваат подобри денови. Веќе трет месец по ред имаме позитивни движења во индустријата со тоа што мартовскиот податок е најдобар, висок раст од 24,5 проценти, изјави Ставрески, одговарајќи на новинарски прашања по распределбата на 60.000 канти за отпад.

&nbsp

Она што особено радува, според него, е што има пораст на производството во многу индустриски гранки, односно што металната, неметалната индустрија, производството на облека, кожната, текстилната и преработувачката индустрија во целина имаат високи двоцифрени стапки на раст што покажува дека се работи за одржлив раст кој има пeрспектива да продолжи и во следниот период.

&nbsp

– Тоа се должи на две работи. Реформите што се спроведуваа во текот на изминатиот период и кога беше криза. И пред тоа, а и по кризата, остануваме цврсто посветени на реализацијата на реформите, ниските даноци, подобрувањето на условите за фирмите за откуп на земјиштето и другите начини на кои државата им помага преку регулаторната гилотина. Од друга страна и побарувачката е подобрена во светски рамки, што значи имаме позитивни движења и кај челичната и кај некои други гранки така што кога тоа ќе се стави во целина имаме вакви позитивни движења. Очекувам дека претстојат подобри денови за македонската индустрија и за македонското стопанство во целина, рече вицепремиерот Ставрески.

&nbsp

Државниот завод за статистика денеска објави раст на индустриското производство во март за 24,5 проценти во однос на истиот месец лани и пораст од 13, 8 проценти во првите три месеци во годинава во споредба со истиот период лани.(МИА)

Comments are closed.