Вашингтон, 8 октомври 2010 (МИА) – Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и понуди на Македонија безусловна отворена кредитна линија во висина до 400 милиони евра со поволна каматна стапка од 1,3 проценти годишно, изјави денеска во Вашингтон вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, јави известувачот на МИА.

 

Според него, Македонија добила одлична понуда од ММФ, но не станува збор за аранжман, туку за кредит.

 

– Не станува збор за аранжман, туку за кредит, кој што Македонија би можела да го користи под исклучително поволна камата од 1,3 проценти доколку оцениме дека е тоа позитивно и добро за земјата. Македонија има можност да го добие како резултат на нашите квалитетни економски политики, посочи Ставрески по средбите со високи претставници на ММФ во Вашингтон каде ја предводи македонската делегација на Годишното собрание на ММФ и Светската банка.

 

Вицепремиерот појасни дека ММФ го воведе овој инструмент неодамна за земји како што е Македонија, а кои немаат ургентен проблем како платнобилансен или други потешкотии, но им се потребни средства за реализација на капитални инвестиции, за исплата на обврски кон стопанството, за да не се задолжуваат на домашен пазар со државни обврзници и слично.

 

– Останува да ја разгледаме оваа понуда, да ја оцениме заедно со експертската јавност, со стопанствениците и Владата пред се, дали Македонија треба и може да ги користи овие средства за следната година, истакна Ставрески.

 

Понудата од ММФ е донесена врз база на проценката за добрата макроекономска политика. Кредитната линија од оваа финансиска институција претставува флексибилен инструмент, со кој се ставаат на располагање евтини кредитни средства без ригидни услови, како што се предвидуваат со класичен аранжман, а вклучуваат барања за намалување на број на вработени, на плати и слично и кој е под постојан надзор на ММФ. Доколку Македонија се реши за оваа понуда, средствата би се користеле за реализација на владината политика за капитални инвестиции, како во инфраструктурата, здравството, образованието и за буџетски потреби, како и за отплата на долгот кон странство. Македонија е прва земја на која и е понудена ваква кредитна линија.

 

Во состав на македонската делегација на Годинешното собрание на ММФ и СБ, се и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и заменик министерот за економија Методиј Хаџи-Васков.

 

Проценка за економската криза во изминатите две години и каков беше одговорот на СБ на кризата, кои се потребите на земјите во развој како и проценка на идните предизвици и можности, се меѓу темите за кои ќе дискутираат министите за финансии и гувернерите од земјите членки на ММФ и СБ за време на овогодинешното Генерално собрание во Вашингтон.

 

Есенските состаноци на ММФ и Светска банка се одржуваат секоја година. На нив учествуваат министри за финансии и гувернери на централните банки на 187 земји членки, кои дискутираат актуелните случувања во светската економија и на теми како намалување на сиромаштијата и поттикнување на економскиот раства

Comments are closed.