Во најскоро време се очекува Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука за поевтинување на нафтените деривати по вчерашната одлука на Владата за намалување на акцизата за бензините за 4, а на дизел горивото за 2 денара, како и на надоместокот за задолжителни нафтени резерви за 0,5 денари кај бензините и 0,2 денари кај дизелот.

&nbsp

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска изјави дека владината мерка е во насока на заштита на граѓаните од ценовниот удар на порастот на цената на нафтата на светските берзи.

&nbsp

– Ова е директна мерка од Владата на Република Македонија во насока на заштита на потрошувачите и на граѓаните и на македонското стопанство од ценовниот удар на порастот на цената на нафтата на светските берзи. Веруваме дека со излегувањето во пресрет на барањата на граѓаните и стопанските комори ќе помогнеме да се ублажи овој удар барем за неколку месеци, нагласи вицепремиерот Ставрески.

&nbsp

Според него, владината мерка за намалување на акцизите и надоместокот за 4,5 денари ќе биде од корист на граѓаните и фирмите затоа што доколку дојде до пораст на цената на нафтата на светските берзи, за 4,5 денари порастот ќе биде помал.

&nbsp

– Овие 4,5 денари ќе бидат во корист на граѓани и фирмите, на сите оние што користат нафта и нафтени деривати бидејќи ако во меѓувреме дојде до пораст на светските берзи барем за тие 4,5 денари сега ќе биде помал тој пораст. Значи секогаш тие 4,5 денари ќе бидат од корист на граѓаните и стопанството, рече вицепремиерот Ставрески.

&nbsp

Тој очекува дека наскоро Регулаторната комисија за енергетика ќе свика седница и оти одлуката ќе биде спроведена во пракса.

&nbsp

Мерката е донесена за период од четири месеци, односно ќе важи до средината на август годинава, а намалувањето на приходите од акцизите во буџетот ќе биде за околу 10 милиони евра.

&nbsp

– Се откажуваме од овие приходи. Тоа подразбира штедење на друга страна. Ќе направиме мерки за кратење на одредени трошоци во овој период за да буџетот остане во проектираните рамки. Сметавме дека ефектите од оваа мерка се значајни со оглед дека веќе 30-40 дена има пораст на цената на нафата на светските берзи и дека отприлика 25 проценти е зголемена цената на нафтата во последните три месеци. Сметавме дека мерката има повеќе позитивни ефекти, отколку она што е загуби на приливи на буџетот, рече Ставрески.

&nbsp

Тој додаде дека ќе се штеди на тековните трошоци, а капиталните ќе се реализираат. – Ќе видиме колкави ќе бидат и приходите. Очекувам дека приходите ќе бидат солидни така што во целина ќе успееме да ги искомпензираме овие 10 милиони евра до крајот на годината, рече вицепремиерот и министер за финансии.(МИА)

Comments are closed.