Скопје, 29 октомври 2015 (МИА) – Сега е најдобро време да се стекне сопствен дом, порача вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на отворањето на вториот во „Скопје Сити Мол“, а вкупно четврт саем на проектот „Купи куќа, купи стан“.

На саемот се присутни претставници на градежните компании, на банките кои нудат кредити и од Министерството за финансии кои на заинтересираните им нудат целосни информации за условите и поволностите што ги нуди проектот. 

– „Купи куќа, купи стан“ е добар проект од кој сите добиваат, бидејќи овозможува да се реши едно од најзначајните прашања за секој човек, а тоа е стекнувањето на сопствен дом. Нема подобро време од ова сега да се стекне сопствен дом. Каматните стапки се историски најниски, цените на становите се најниски историски и се прилично пониски од што беа и имате можност да ја искористите субвенцијата од Владата која помага да се надмине почетниот период на отплаќање на обврските од кредитите, им порача Ставрески на присутните на саемот.

Додаде дека останува уште секој добро да се информира, да ја донесе одлуката која е една од најзначајните во животот и да дојде до сопствен дом. 

– Ние сме тука да ги размениме сите информации и да им овозможиме на граѓаните да имаат пристап до информации за се што им е потребно да ја донесат таа одлука, рече Ставрески.

Затоа, нагласи, е добро што на саемот активно учествуваат банките и градежните компании кои излегоа во пресрет преку понуда на станови и можност за изградба на куќи со добра цена, а некои понудија и специјален попуст за времетраењето на саемот со намалување на цената на становите и до 200 евра по квадрат.  

– На саемот се присутни и претставниците од Министерството за финансии кои се должни да ги информираат граѓаните како да ја искористат поддршката која се движи и до 14 илјади евра во зависност од големината на кредитот, рече Ставрески.

Нагласи дека по минатогодишниот саем во Скопје Сити Мол трикратно се зголеми интересот на граѓаните за проектот „Купи куќа, купи стан“ и додаде дека очекува и годинава саемот да биде успешен.

Роберт Хот од компанијата „Хот и Хот“ посочи дека минатогодишниот саем во „Скопје Сити Мол“ имал извонредна посетеност  и бил успешен. 

– Поентата на овие саеми е што на едно место се наоѓаат сите чинители кои го движат проектот „Купи куќа купи стан“ – производители на станови и куќи, претставниците на Министерството за финансии, банките и осигурителните компании. Со тоа, граѓаните на едно место може да ги добијат сите информации што им се потребни за проектот, изјави Хот.  

Посочи дека по минатогодишниот саем имало значително зголемување на интересот за проектот, а додаде дека очекува слично да биде и годинава.

Comments are closed.