Македонија не е целосно излезена од кризата, но најтешкото поминало – вели министерот за финансии, Зоран Ставрески, во интервју за Би Би Си. Ставрески изразува оптимизам дека движењата во вториот квартал ќе бидат позитивни, со што би се избегнала нова рецесија.
БиБиСи: Поради лошиот прв квартал, Европската банка за обнова и развој веќе го намали очекувањето за растот на македонската економија од 2,2 на 0,5%. Како ќе го остварите растот од 2%?
Ставрески: „Нашите пресметки се дека вториот квартал ќе биде блиску до нула, односно се надевам дека ќе биде позитивен. Значаен е трендот, дали Македонија го достигнала дното на економската активност, затоа треба да се набљудуваат показателите во повеќе сектори. По стагнацијата во првиот квартал, постепено секој следен квартал ќе биде подобар, очекувам да се оствари позитивен раст во целина“.
БиБиСи: Индустрсикото производство годинава оствари прв раст, но ако и во април, мај и јуни има пад на економијата, земјата повторно ќе влезе во рецесија. Стравувате ли од нова криза?
Ставрески: „Секако кога станува збор за негативни резултати не можеме да бидеме задоволни, но можеме да бидеме задоволни што конечно е достигнато дното на индустриското производство и трендот е позитивен, што дава уверување дека може да се исполнат проекциите за позитивен раст на производството во втората половина на годината. Нашите проекции се дека индустриското производство за цела година ќе биде од 6 до 8%, односно да се движи во ниските позитивни вредности“.
БиБиСи: Фирмите во Македонија се жалат дека стопанството е во лоша кондиција, нарачки има, но тешко оди наплатата од државните институции. Ќе му излезете ли во пресрет на приватниот сектор?
Ставрески: „Како проблем во однос на ликвидноста во целиот систем ќе постои уште некое време, очекувањата во време на криза, како и во сите држави, ликвидноста на економијата е пониска, има извесни проблеми во делот на стопанството и кај државата и кај останатите субјекти. Меѓутоа тие проблеми се совладуваат, има тренд на подобрување, економските состојби полека се подобруваат, така и наплатата на приходите се подобрува, има помал дефицит на буџетот, постепено поредовно ги извршуваме обврските кон сите субјекти“.
БиБиСи: Формален аранжман со ММФ нема, најавивте повлекување на 70 милиони евра од таму. Ќе продолжи ли задолжувањето и од кои институции ќе позајмувате пари за буџетски потреби?
Ставрески: „Точно, 70 милиони евра што ни стојат на располагање кај ММФ решивме да ги повлечеме најповолните средства со минимална каматна стапка од 0,3%. Во овие времиња секој денар, секое евро е важно, значајно ни се овие пари ќе ги користиме за редовни расходи на буџетот, за тековни и капитални расходи, отплата на долгот, како и на обврските што доспеваат во втората половина на годината. Овие средства ќе помогнат да забави домашното задолжување, да не се зголемуваат аукциите на државните записи“.