Скопје, 18 февруари 2015 (МИА) – Комплетно нова траса на потегот од Ранковце до Крива Паланка ќе се гради со средства од Светска банка. Владата е веќе во разговори со оваа меѓународна финансиска институција и се очекува проектот да биде одобрен наесен. 

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на одбележувањето 93 години од основањето на Стопанската комора на Македонија. 

– Коридорите 8 и 10 се нашите приоритети. Новина е дека Владата е веќе во поодмината фаза на разговори со Светска банка за финансирање на делот од Коридорот 8 од Ранковце кон границата со Бугарија. Некаде наесен очекуваме Светска банка да го одобри тој проект и да се исфинансира комплетно нова траса на патот од Ранковце до Крива Паланка во првата фаза, а во втората фаза да следи реконструкција на патот од Крива Паланка до границата со Бугарија и да се интензивира градбата на железничката пруга кон Бугарија, истакна Ставрески. 

Додаде дека во исто време се работи на проектната документација за железничката пруга кон Албанија, од Кичево до Лин, и оти со европските институции, односно со Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка се разговара за финансирање и на тој проект. вј/скс/15:08

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.