Скопје, 28 ноември 2014 (МИА) – Обезбедивме дополнителни 42 милиона евра од Европска банка за обнова и развој. Парите се веќе одобрени за изградба на делницата Градско-Прилеп, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески при денешната посета на Прилеп.
Според Ставрески, изградбата на делницата Градско-Прилеп, која го опфаќа најпроблематичниот дел кај Фариш и Дреновската клисура, ќе почне наредната година.
– Во следните 5-6 месеци ќе трае процесот на експропријација и веднаш потоа се распишува тендер за градба. Очекувам при крајот на летото и почетокот на есента 2015 година да почне градбата на делницата. Ќе има по две ленти во двата правци со вкупна ширина од 12 метри. Еден дел ќе биде проширување, а оној најлошиот дел ќе биде целосно нова патна делница, рече Ставрески.
Граѓаните и бизнисмените, истакна, добиваат многу и побрзо се поврзуваат со Скопје.
– Прилеп ќе биде подобро поврзан со автопатот, со Коридорот 10, а граѓаните и бизнисмените за пократко време ќе може да дојдат до Скопје, изјави вицепремиерот Ставрески.
Тој очекува делницата која ќе почне да се гради наредната година да биде готова за 24 месеци.