Скопје, 18 декември 2014 (МИА) – Задолжницата како инструмент е замислена како поддршка на финансиската дисциплина и заштита на доверителите и оние кои имаат побарувања во деловниот однос. Одложувањето на нејзината примена за три месеци е на барање на бизнис секторот за доуредување на начинот на нејзиното издавање. Барањето е рамковно, да се издава за поголем износ на средства одеднаш со цел да се избегнат бирократските процедури, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

– Долги децении во Македонија владееше политиката на заштита на должниците, односно тие можеа да прават што сакаат, да не ги плаќаат обврските. На бизнис секторот не му остануваше ништо друго освен да се обидува да ги добие средствата по судски или друг пат, што кога си помала фирма и не е така лесно да го направиш. Затоа ја воведовме задолжницата со цел да има сигурност во наплатата на побарувањата, истакна Ставрески во рамки на дебатната емисија на Македонската телевизија.

Појасни дека одлуката за одложување на примената ја донеле по средбите со бизнис заедницата, чии претставници истакнале дека има потреба од одредено доуредување на начинот како ќе се издава задолжницата, особено, како што рече, кога станува збор за компании кои на дневна основа имаат голем број трансакции над пет илјади евра, колку што е прагот на задолжителната задолжница.

– Сметаме дека тоа е оправдано барање, односно оправдана забелешка којашто ја разгледавме во Министерството за финансии и од тие причини предложивме да се дополни Законот во насока да се овозможи рамковно издавање на задолжницата за поголем износ средства, со цел фирмите да не мора да се занимаваат со бирократски процедури. Доколку компанијата работи постојано со одредена фирма, да може да ја даде задолжницата на еден рамковен износ еднаш и да не мора за секои пет илјади евра да оди кај нотар, да ја заверува и слично. За тоа да се направи, потребно е адаптирање на софтверот и малку повеќе време, па затоа се даде пролонгирање на рокот за три месеци со цел да излеземе во пресрет на ова барање на бизнис заедницата, потенцира вицепремиерот Ставрески.

Comments are closed.