Скопје, 27 октомври 2011 (МИА) – Одлуката на европските лидери за должничката криза во Грција, за отпис на долгот од над 50 проценти, според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески е одлука која не ги реши сите проблеми за Грција, но претставува чекор напред за надминување на досегашната ситуација.

 

– Со Одлуката за отпис на долгот на Грција во износ од над 50 проценти практично се официјализира банкротот на Грција и неможноста да ги враќа своите долгови и тоа е сепак подобра варијанта отколку другата тоа да се случи без договор. Во секој случај тешко дека ќе претставува конечно решение на ситуацијата и во Грција и во другите должнички земји, бидејќи сега се отвора прашањето што ќе се случи ако слична ситуација има во Италија, Шпанија, како поголеми земји каде инвеститорите нема да можат да го прифатат отписот на долгот или каде што нема доволно средства за рекапитализација на банките, изјави министерот Ставрески.

 

Според него, што се однесува до Грција, со оваа одлука нема се решат сите проблеми. Со неа, рече минситерот, таа добива привремена помош и поддршка да не се случи целосен банкрот, но тоа во основа значи дека и во иднина ќе се соочува со сериозни проблеми, бидејќи нивото на државниот долг и покрај ова ќе биде доста висок.

 

– Во однос на Македонија позитивно е што се понуди некој пакет од страна на европските земји за надминување на состојбите и внесување поголема сигурност меѓу кредиторите и инвестиорите. Важно е да се тргне напред, да се прекине со постојаниот фокус на земји, кои се недисциплинирани и имаат должнички проблеми и да се фокусираат на државите кои се добри со здрави политики и кои можат да одат напред. Затоа за Македонија е битна оваа ситуација колку помалку се пролонгира во Европа за Македонија е подобро, бидејќи европските земји и инвеститорите ќе можат да почнат постепено да се враќаат на старите патеки на економски раст. Тоа е единствениот начин како Македонија може да има корист од целата ситуација, оцени министерот за финансии.

 

Одговрајќи на новинарско прашање за буџетот на Република Македонија за наредната година, рече дека подготовката е во завршна фаза и оти во наредните неколку дена треба да се разгледа од страна на Владата.

 

Comments are closed.