Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска во име на Владата го поздрави одобрувањето на новата кредитна линија од страна на бордот на директори на Меѓународниот монетарен фонд во износ од 475,6 милиони евра. Според него, одобрувањето на кредитната линија претставува силен сигнал и признане на квалитетот на јавните финансисии и вкупните економски политики и дека земјата и во иднина ќе продолжи со такви економски политики.

&nbsp

– Изршните директори на ММФ искажаа целосна поддршка на економските политики на Република Македонија и на економските перспективи на земјата преку одобрување на отворената кредитната линија која претставува нов инструмент во рамки на ММФ, рече на денешната прес-конференција министерот Ставрески, додавајќи дека фактот оти овој инструмент се одобрува на земји кои имаат здрави економски политики, пред се фискална, даночна и монетарна политика и здрав банкарски сектор, претстагува силен сигнал и признане дека во Република Македонија квалитетот на јавните финансии и на вкупните економски политики е добар и дека земјата и во иднина, исто така ќе продолжи со такви економски политики.

&nbsp

По сите параметри, посочи Ставрески, Република Македонија е оценета дека води здрава макроекономска политика и од тие причини се одобрува овој кредит.

&nbsp

– Ние планираме и натаму да водиме здрави економски политики, да продолжиме со здрава фискална политика, да се одржи стабилноста на девизниот курс, стабилноста на банкарскиот сектор и очекуваме дека овој кредит ќе помогне во насока на заздравување на македонската економија и спречување на евентуално влијание на екстерните ризици, рече министерот за финансии.

&nbsp

ММФ, додаде Ставрески, како силни страни на Македонија ги истакнува ниското ниво на јавен долг, ниската инфлација и стабилниот банкарски сектор и оти овие атрибути се очекува да се задржат и во индина. Во тие рамки и фискалниот дефицит е оценет како умерен и оти Македонија ќе продолжи со такво умерено ниско ниво на фискални дефицити кое пак ќе го задржи јавниот долг на одржливо ниво.

&nbsp

Тој смета дека кредитната линија е значајна не само од финансиски аспект, односно како поддршка на економските политики, туку и како силен сигнал за тоа дека Македонија може самостојно да ги води економските политики и како таква може да се појави на кредитниот пазар.

&nbsp

– Со одобрувањето на оваа кредитна линија се подобруваат условите и кредитниот рејтинг на Република Македонија за излегување на кредитниот пазар и евентуално емитување на еврообврзница или која било друга форма за користење средства од екстерни извори, рече Ставрески и додаде дека Министерството за финансии заедно со инвестициските банки го анализира пазарот и оти излегувањето со еврообвзница може да се случи во секој момент кога цената ќе биде прифатлива.

&nbsp

Кредитната линија, како што посочи, е класичен кредит кој се одобрува врз вкупната оценка на ММФ за квалитетот на економските политики, вклучително и буџетот и фискалната политикика, и не доаѓа со одредени квантитативни услови. Средствата се наменети за поддршка на економската програма на Владата и доколку се користат може да се употребат за сите намени предвидени во буџетот и реализација на економските политики и програми на Владата.

&nbsp

– Може да се користат за се што е предвидено во буџетот за 2011 година и 2012 година. ММФ не би одобрил толку средства доколку нема целосна доверба во квалитетот на економските политики и доколку не го поддржува буџетот и сите програми и проекти кои Владата ги има предвидено во тој буџет, тоа е најдобар коментар за тоа за што ќе се користат средствата, истакна Ставрески.

&nbsp

Владата, додаде тој, има обврска да се однесува соодветно, одговорно при користењето на средствата како што тоа е правено и претходно и оти врз основа на таа одговорна политика и квалитетна здрава фискална политика и со другите економски политики е дојдена ситуација ММФ да и одобри на Македонија толку многу средства без посебни услови.

&nbsp

– Со самото тоа што ММф верува во перспективите на Република Македонија се испраќа силен сигнал до инвеститорите дека земјата води квалитетни економски политики и ќе може да се справи со евентуални ризици кои може да случат во европските економии или во глобалната економија, рече Ставрески.

&nbsp

Претставникот на Меѓународниот монетарен фонд во Македонија Александар Тиеман, на прес-конференцијата истакна дека овие средства претставуваат осигурување и треба да се користат доколку дојде до негативни шокови, односно може да се користат за потребите на општиот буџет. Нема конкретни и специфични потреби за кои треба да се употребат односно ќе се искористат согласно потребите и политиките.

&nbsp

Средствата се очекува да бидат ефективни во средината на февруари, односно нивното повлекување доколку има потреба тоа да се случи би се направило откако Собранието ќе го изгласа законот за задолжување.
Македонија е прва земја на која и се доделува оваа кредитна линија во износ од 475,6 милиони евра што е 600 проценти од квотата на Македонија во ММФ. Таа е во времетраење од две години.(МИА)

Comments are closed.