Битола, 2 февруари 2015 (МИА) – Општина Новаци е добро организирана и успешно се справи со предизвиците од невремето, оцени вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески при денешната посета на поплавените подрачја од пелагонискиот регион.
Теренската посета на општина Новаци, како што рече, покажа дека последиците од невремето и обилните врнежи најмногу се чувствуваат во полето заради прелевање на водите. Но, добрата организација на Општината, градоначалникот и неговата екипа, кризниот штаб, сите структури, како и жителите на Општината, допринесе да се минимизираат ризиците по животот на граѓаните, имотот, добитокот и слично.
Порача дека добро е и понатаму организацијата да биде на највисоко ниво, а ако е потребно, поддршка да се побара и од војската и полицијата за и понатму да се контролира состојбата на терен.
Изрази верување дека Општината успешно ќе се справи со овие предизвици.
За време на денешниот престој во Пелагонија, министерот Ставрески посети и повеќе населени места во општина Могила која, исто така, е погодена од невремето, а посебно атарите на неколку села што се наоѓаат долж течението на реката Црна.
– Во општина Могила состојбата е прилично сериозна, а во неколку населени места водата освен во нивите е и до куќите, а некои од нив се поплавени. Има материјална штета и потребно е да се ангажира механизација и да се вложат дополнителни напори за да се спречат поголеми последици, нагласи Ставрески.