Скопје, 19 јули 2012 (МИА) – Намалувањето на активните каматни стапки на банките, според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески е секогаш добредојдено за граѓаните и за стопанството и очекува тој тренд на намалување да продолжи и во иднина со оглед на координираноста на фискалната и монетарната политика.
– Намалувањето на каматните стапки на Народна банка и на Министерството за финансии претставуваа јасен сигнал за банкарскиот сектор дека очекуваме и таму да дојде до постепено, но значајно намалување на каматните стапки бидејќи има простор тоа да се направи и има слободни ликвидни средства што е значајно во што поголем износ да завршат во економијата, изјави министерот одговрајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата на Република Македонија.
Во врска со девизното штедење потенцира дека радува податокот што се зголемува денарското штедење кое е знак на доверба во македонскиот денар и банкарскиот сектор. – Со оглед на состојбите во Европа и кризата што се јавува таму на повеќе економии и кризата на еврото како валута логичен редослед е дека граѓаните ја искажуваат довербата во домашната валута, односно денарот којшто е стабилен и кој согласно постојните макроекономски политики и ниското ниво на буџетски дефицит и задолженост на земјата, како и дисциплинираната фискална политика и координираната монетарна политика нема причини да не се штеди во денари бидејќи приносот во денари е поголем, одосно каматата на денарското штедење е значително поголема, истакна Ставрески.
Во врска со информацијата објавена за блокираните сметки на одредени фирми, рече дека треба да се види каква е оперативната состојба на сметките на тие фирми, бидејќи, како што истакна, значаен број сметки во платниот промет се на фирми што не работат активно, односно немаат вработени, ниту пак имаат активност, а во исто време претставуваат пречка и проблем за нормално функционирање на платниот промет.