Парите во износ од 220 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд што одлучи Владата да ги земе од отворената кредитна линија ќе завршат во македонската економија и нема да бидат искористени ниту за нешто поврзано со изборите, ниту за политички партии. Истовремено овој потег и заштеди на Македонија 60 милиони евра.

&nbsp

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на новинарски прашања по потпишување Меморандум за соработка во делот на финансирање на проектот од областа на инфраструктурата „Подземна сообраќајница во Градот Скопје“.

&nbsp

Според него, користењето на средствата од ММФ е и неопходно и добро за македонскaта економија што е посочувано многу пати и од експертите и од бизнисмените, а истовремено и заштеди на Македонија 60 милиони евра во однос на земањето еврообврзница за еден период од пет години.

&nbsp

– Земањето на овие средства е добро затоа што внесуваме свежи пари однадвор во македонската економија. Не го исцрпуваме домашниот банкарски потенцијал, бидејќи тоа беше трета алтернатива, освен еврообврзница и ММФ. Може да бидеме поагресивни на домашниот пазар што не би било добро за користењето на домашните средства кои ние сакаме да завршат во стопанството и затоа сега кога се извесни средствата од ММФ нема да има потреба од сериозни користења на средства на домашниот банкарски пазар, освен она што служи за рефинансирање на постоечките износи на државни обврзници, изјави министерот и додаде дека во наредниот период нема да има задолжување поголемо од она што е запишано во државни записи кои се на износ од 320 милиони евра.

&nbsp

Тој истакна дека неопходно е земањето на средствата затоа што Владата има задача не да ја води економската политика само во тековно време, туку и да предвидува што ќе се случува во следниот период. – Во моментот кога ќе се распишат изборите и ќе функционира Владата како техничка влада не може да се задолжува. И тоа ќе трае се додека не се формира нова влада и парламент. Бидејќи станува збор за период од пет -шест месеци, ние имаме обврска како Влада и Министерство за финансии да обезбедиме финансирање на буџетот во тој период како дополнување на редовните приходи, истакна министерот, кој додаде дека буџетот е во сосема добра кондиција, но дека уште на почеток на годината, кога се усвојуваше, Владата укажа на тоа дека еден од можните начини на финансирање се средставата од ММФ и затоа тој кредит беше земен и помина на почетокот на оваа година на борд на ММФ.

&nbsp

За тоа како ќе се користат средствата од ММФ, рече дека ниту Владата, ниту Министерството за финансии немаат право да ги користат средствата, без разлика дали се од редовни приходи, кредит, ММФ или Светска банка, за што било друго освен за она што е предвидено со Буџет и што поминало како позиција на расходната страна на Буџетот.

&nbsp

Собранието, појасни, одлучило за што ќе биде користен Буџетот во 2011 година. – Ние имаме право да исплаќаме само за тоа. Ниту еден единствен денар, ниту правно може, ниту ќе биде наменет за што било поврзано со избори или политички партии. До последен денар Министерството за финансии ќе ги насочи кон позициите што ги одобрило македонското Собрание, рече миистерот Ставрески и додаде дека секоја исплата од Буџетот директно или индиректно го помага македонското стопанство.

&nbsp

– Ќе бидат искористени за поддршка на македонското стопанство преку се што исплаќаме од Буџетот дали се капитални инвестиции кои директно завршуваат во стопанството или исплата на плати и пензии кои индиректно завршуваат во економијата или се работи за субвенции во земјоделството. Разликата е токму во стерилизирањето на средствата на Министерството за финансии кога станува збор за државни записи во однос на тоа што прави Централната банка, бидејќи таа крајно ги стерилизира. Тие средства остануваа замрзнати кај Централната банка, а Министерството за финансии и кога повлекува пари веднаш ги враќа во економијата преку исплатите што ги врши на дневна основа. Сите тие пари крајно гледано ќе завршат во стопанството, истакна министерот Зоран Ставрески.(МИА)

Comments are closed.