Скопје, 24 декември 2014 (МИА) – Плаќањето придонеси на хонорарите според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески ќе почне да се применува од наредната недела, односно од 1 јануари 2015 година, бидејќи е добра и правична мерка.

– Тоа е добра мерка бидејќи ќе овозможи поголема социјална заштита за луѓето кои примаат хонорари. Да влезат во системот за здравствена заштита, да ги уживаат сите права од здравствената заштита, како и да можат да остварат пензиски стаж, односно кога ќе дојде време да стекнат право за пензија, изјави Ставрески одговарајќи на новинарски прашања по денешната средба на лидерите на партиите од Коалицијата „За подобра Македонија“.

Дека е добра мерката, според него, потврдува и фактот оти речиси сите земји како Германија, Чешка, Белгија, Данска… ја имаат воведено оваа мерка на идентичен начин.

– Мерката е правична бидејќи ќе овозможи сите подеднакво на остварениот приход да придонесат за системот на здравствено осигурување. Нема ниту една причина работничките во текстилните фабрики кои земаат 12 илјади денари или рударите да плаќаат здравствено осигурување, а некој кој преку хонорари остварува 12.000, 15.000, 20.000 или 50.000 денари да не плаќа здравствено или пензиско осигурување. Така што мерката е правична и ќе овозможи сите на еднакво ниво на остварен доход и приход да плаќаат со еднаква стапка придонеси за здравствено и пензиско осигурување, истакна Ставрески.

Потенцира дека мерката ќе важи на еднаков начин и за функционерите како што важи за сите договори на дело, авторски договори и други типови договори.

Comments are closed.