Скопје, 22 јули 2015 (МИА) –  За 2 пати е зголемен бројот на патници на македонските аеродроми во првите шест месеци од годинава споредено со истиот период од 2009 година, пред изградбата на аеродромите. Подобрената аеродромска инфраструктура и владините мерки во изминатиот период, според вицепремиерот Зоран Ставрески, го зголемија бројот на патници и туристи во Македонија.  

Рангирањето на Македонија во последниот Извештај на Светскиот економски форум како држава со најдобра аеродромска инфраструктура од земјите на поранешна Југославија за Ставрески е потврда дека развојот на туризмот и приказната за туристичката понуда во државава одат во добра насока.

– Аеродромската инфраструктура е дел од начинот како да се привлечат повеќе туристи и факт е дека по изградбата на аеродромите во Скопје и во Охрид, односно реновирањето во Охрид, Република Македонија има многу поголем број туристи, изјави Ставрески при денешната посета на општина Бутел.

Податоците покажуваат дека во првите шест месеци од оваа година, на аеродромите во Скопје и во Охрид слетале 634.192 лица и оти во истиот период пред шест години, во 2009 година пред да се изградат аеродромите, имало 270.249 патници.

– Значи бројот на патници  на скопскиот и на охридскиот аеродром е два пати зголемен. Голем дел од нив се странски граѓани и туристи. Тоа покажува дека вложувањата во туристичката инфраструктура се неопходен услов за зголемување на бројот на патници, како и на бројот на туристи во земјата, рече Ставрески.

За привлекување повеќе туристи, според Ставрески, придонеле и мерките на Владата да се субвенционираат туроператорите кои ќе донесат туристи во Македонија со евтини билети, како и субвенционирањето на компаниите што носат туристи, подобрувањето на туристичката понуда, изградбата на нови туристички и реновирањето културни објекти.

– Сето тоа помага да се зголеми бројот на туристи, изјави Ставрески, оценувајќи дека работењето на концесионерот на аеродромите, компанијата ТАВ, како и развојот на аеродромската инфраструктура одат во добра насока.

На крајот, потенцира, не случајно аеродромот „Александар Велики“ во Скопје последниве две години беше прогласен за најдобар мал аеродром во Европа.

Comments are closed.