Скопје, 24 јули 2015 (МИА) – Предложеното пролонгирање на повластената стапка на ДДВ за изградба и прв промет на станови до крајот на 2018 година е поддршка за градежниот сектор и ќе создаде услови за натамошна експанзија на станбената изградба, оцени денес вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Предлог измените на Законот за ДДВ, што се во собраниска процедура, Ставрески очекува да бидат изгласани до крајот на месецов. Со нив, како што рече, Владата излегува во пресрет на барањето на Градежната комора со цел понатамошно поттикнување на изградбата на станови.
– Владата имаше слух за тоа барање и дадовме предлог за три години, значи до крајот на 2018 година, изградбата на становите и првиот промет на становите да биде со повластена даночна стапка од 5 проценти што ќе овозможи понатамошна градежна експанзија во делот на станбената изградба, а воедно и ќе ја одржи цената на становите којашто со поддршка на оваа мерка на Владата ќе може да биде пониска отколку што би била ако имаме данок од 18 проценти, изјави Ставрески при денешната посета на Сојузот на стопанските комори на Македонија.
Владината мерка, укажа Ставрески, е од крајот на 2009 година и резултираше со значително зголемување на изградбата на станови во Македонија. – Ако пред донесувањето на оваа мерка имавме околу 600 до 700 стана годишно што се градеа во државата, сега се градат меѓу 1.700 и 1.800 станбени единици годишно. Вториот бенефит од оваа мерка е што таа во меѓувреме влијаеше, се разбира и со други мерки, за намалување на просечната цена на становите. Ако пред неколку години таа во Скопје изнесуваше 950 евра по метар квадратен, денес е 850 евра по метар квадратен, а во внатрешноста на РМ, во помалите градови, овие цени се пониски за уште 100 евра, рече Ставрески.
На страната на побарувачката, потенцира министерот за финансии, Владата помага со проектот „Купи куќа купи стан“, каде дава субвенции за лицата кои ќе се решат да стекнат сопствен дом.
– Со 3,8 милиони евра субвенции од Владата досега, дадени се станбени кредити во износ од 20 милиони евра, што овозможи 620 семејства да го решат станбеното прашање. Остануваме отворени за соработка со Градежната комора и со Сојузот на стопански комори со цел да овозможиме добри услови за градежните компании и да дадеме поддршка во делот што зависи од Владата, најави Ставрески.
Според Роберт Хот, претседател на Градежната комора при ССК, градежните компании сметаат дека владината мерка ќе придонесе за стабилен раст и продолжување на нивната работа. Тоа, нагласи, е значајно за уште 26 други гранки коишто растат заедно со градежните компании.
Покрај високоградбата, оцени Хот, стабилната политика во однос на капиталните инвестиции придонесува во наредните три-четири години да продолжи стабилниот раст на градежниот сектор во нискоградбата со изградба на автопатишта, регионални и брзи патишта.
– Оваа соработка ќе продолжи и во иднина, преговараме и со други министерства, така што заеднички ќе придонесеме за намалување на нелојалната конкуренција, изјави Хот.