Скопје, 15 јули 2015 (МИА) – Договорот за излез од политичката криза што се постигна вчера е позитивен пред сè за Република Македонија и нејзините граѓани и создава сигурност и извесност во стопанството, оценува вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Според Ставрески, политичките партии, како учесници во тој договор, по нешто добиваат, по нешто губат, но најзначајно е што добиваат граѓаните, бидејќи договорот го враќа спокојството кај граѓаните во земјата, кое, вели, беше нарушено со деструктивното однесување од страна на опозицијата во последните неколку месеци.
– Договорот создава сигурност и извесност во стопанството, бидејќи за бизнисмените е значајно да имаат сигурни и стабилни услови за работење, а со постигнувањето на овој политички договор се обезбедува стабилност што ќе овозможи македонската економија да ги продолжи добрите трендови на раст, на нови инвестиции, нови работни места, смета вицепремиерот Ставрески.
Договорот, додава, ќе овозможи оние странски инвестиции кои поради политичката ситуација се воздржуваа од објавување на одлуката и почнување сопствен бизнис во Македонија, сега да го реализираат тоа, а воедно ги отвори евроатлантските перспективи за државата. Ставрески нагласува дека во април следната година народот дефинитивно ќе ја даде поддршката за опцијата која му обезбедува подобар живот.
Во однос на тековните економски проекти на Владата, посочува, ние имаме обврска кон граѓаните кои ги поддржале тие проекти бидејќи преку нив се подобрува нивниот живот.
Оцени дека „Македонија вработува“ е еден од најзначајните проекти на Владата, бидејќи покажа извонредни резултати, со досега вработени 3.500 лица, а очекува да се вработат 20 илјади лица во период од една година, како што беше најавено.
– Другите проекти течат според предвидената динамика. Како што е познато, изградбата на автопатите, најкрупниот проект, се реализира според предвиденото, имаме набавка на нови возови, исплата на субвенции, имаме многу проекти во делот на образованието, реновирање студентски домови, изградба на сè она што е предвидено во програмата на Владата, согласно предвидената динамика и обезбедениот буџет, појасни вицепремиерот Ставрески.
Тој ги нагласи и позитивните ефекти од инвестицијата на американскиот КСС во Кичево. Вели дека ова е прва крупна инвестиција во тој регион во Република Македонија каде што има висока невработеност, па од тој аспект вработувањето 1.000 луѓе значи обезбедување иднина за 1.000 семејства.
– Конкретно за Кичево значи многу бидејќи ќе биде најголем работодавач во поширокиот регион и веруваме дека ќе помогне да се привлечат и други компании. Веќе има позитивни ефекти од тој аспект, бидејќи ОДВ Електрик во Охрид дојде поради КСС, како и Капокон во зоната во Скопје, исто така една компанија поврзана во зоната на добавувачите кои ги користи КСС, вели вицепремиерот Ставрески.