Скопје, 31 октомври 2011 (МИА) – Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска информира дека Владата на синоќешната седница прифати измени на Законот за царинска тарифа со кој се намалува царината на 100-тици производи, пред се репроматеријали и суровини што се користат во индустријата.

 

Тој додаде дека тука е вклучено и намалувањето на царината на белиот шеќер од 30 проценти на пет.

 

– Тоа беше барање на кондиторската индустрија и ние излеговме во пресрет и верувам дека ќе помогне да се продолжат позитивните трендови во оваа индустрија односно за зголеменото производство, извоз и вработување, изјави министерот Ставрески одговарајќи на новинарско прашање на денешното одбележување на Светскиот ден на штедење.

 

Во однос на буџетот на Република Македонија за 2012 година, тој истакна дека е готов и се очекува за 2-3 дена да помине на владина седница.

 

За проектот „Купи, куќа, купи стан“, најави дека ќе се вклучат голем број банки. – Овие денови законот треба да помине на Собрание и потоа следи процесот на потпишување на договорите со банките. Ние со Здружението за банкарство имавме доста добра соработка. Решававме и расчистивме доста од прашањата што се однесуваат на реализација на тој проект, усогласивме голем број од ставовите, така што очекувам добро учество од банките, врз принципот на можноста да се финансираат поголем број проекти во тој дел преку намалување на маржата што ќе ја заработат на поединечен случај. Сметам дека е користен проект и за банките и за македонските граѓани, истакна министерот за финансии.

 

Comments are closed.