Извозот во 2014 година изнесувал 3,723 милијарди евра, што е за 2,079 милијарди евра повеќе во однос на 2005 година, кога истиот изнесувал 1,6 милијарди евра, посочи вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на расправата за буџетот 2016 година. Како што истакна вицепремиерот, растот на извозот се должи на извозот од технолошко индустриските зони, на повисоката обработка на производите и новите технологии кои ги донеле странските фирми во земјава.

„Извозот е огледало на конкурентноста на економијата. Делови кои се произведени во Македонија, во зоните, се вградуваат во најновите возила на Мерцедес. Порано извезувавме само земјоделски производи, тоа е разликата. Тоа говори дека на странските пазари Македонија е поконкурента земја“ – истакна Ставрески на расправата.

Како што рече Ставрески, вработените во странските компании стекнуваат знаење, што е додадена вредност на странските инвестиции во земја. Тој истакна дека за 9 години во Македонија се отворени 133.000 работни места, додека за време на владеењето на СДСМ 300.000 нови работни места биле затворени.

„Во моментов не е прашање дали домашни или странски компании отвараат работни место, битно е да се отвараат работни места и битно е сите да учествуваат во тоа“ – вели Ставрески.

Comments are closed.

Close Search Window