Порастот на индустриското производство во јули од 8,3 отсто за вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески е добар показател дека индустријата и македонската економија заздравуваат и оти излезот од кризата е се поизвесен.

&nbsp

– Добро е што индустриското производство во целина расте, односно има пораст кај повеќе индустриски гранки вклучително и текстилната и металната индустрија за околу 20 отсто што помогна вкупно преработувачката индустрија првпат годинава да оствари пораст од 5,3 отсто, изјави Ставрески во Собранието на Република Македонија.

&nbsp

Тој посочи дека може да се очекува позитивните движења во индустријата да продолжат и во следните месеци.

&nbsp

– Нашите очекувања се дека третиот квартал ќе биде подобар од вториот и како што изминува 2010 година резултатите ќе бидат се подобри. Очекуваме овој резултат да помогне да се оствари проектираниот раст од 2 отсто за годинава, иако тој не зависи само од случувањата во Република Македонија, туку и од екстерната побарувачка каде има некои позитивни сигнали во делот на порастот на германското стопанство кое е двигател на порастот во еврозоната, рече Ставрески.

&nbsp

Според него, во делот на текстилната индустрија првпат се случува раст што најверојатно се должи на зголемените нарачки за македонските компании кои соработуваат со компании од Германија и Грција.

&nbsp

– Сепак, додека не видиме дека во континуитет неколку месеци има пораст на производството се уште не може да се носат одлуки дали целосно се надминати ризиците за текстилната индустрија, појасни Ставрески.

&nbsp

Во врска со користењето на средствата од ММФ, Ставрески истакна дека опозицијата најверојатно доволно не го разбира моделот на нивно користење и појасни дека тие можат да се користат за сите буџетски потреби.

&nbsp

– Ние, како што кажавме, ќе ги користиме за подмирување на тековните расходи, но и за капитални инвестиции, рече Ставрески.

Comments are closed.