Скопје, 6 септември 2014 (МИА) Денешната потврда на стабилниот кредитен рејтинг на Република Македонија од страна на Фич е навистина големо признание за економските политики и ќе помогне да се задржи добриот имиџ кај инвеститорите,

оцени вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. Во потврдата на Фич, една од двете најпознати светски рејтинг агенции, посочува Ставрески, најголемо учество имаат секако економскиот раст што го остваривме во првиот дел од годината. – 3,9 проценти е меѓу највисоките стапки на раст на БДП во Европа.

Фич истакнува дека значајно учество во тоа има градежништвото и јавните инвестиции, односно инфраструктурните проекти што се финансираат од Буџетот, што значи дека ја потврдуваат долгогодишната политика на Владата, во услови кога европската економија сè уште има кризни моменти и најновите ситуации таму не се баш најповолни. Тоа што инвестираме многу во инфраструктурни проекти и помага на домашната економија, изјави попладнево Ставрески.

Фич, исто така, ја истакнува и стабилноста на фискалниот сектор, на јавните финансии, ефикасното трошење на средствата во делот на капитални проекти, како и добрата бизнис-клима. Сите тие работи, наведува вицепремиерот, се позитивни и потврдуваат дека Македонија здраво ги има поставено основните економски политики и на најдобар можен начин се справува со предизвиците во овие тешки времиња низ коишто минуваме во последните неколку години.

– Оваа оценка на Фич ќе помогне да се задржи и добриот имиџ на РМ кај инвеститорите.

Инвеститорите внимателно следат што е оценката на Фич, на Стандард и Пурс и на слични агенции и од тој аспект очекувам ова и натаму да биде поттик за нови странски инвестиции, како и можност Република Македонија да добива меѓународни финансиски средства по поволна цена, рече Ставрески.

Во потврдата на кредитниот рејтинг на Македонија на „ББ+“ со стабилна перспектива, како главни предности на македонската економија кои придонесуваат за оценката, истакнати се макроекономската политика и условите за водење бизнис.

Фич прогнозира дека годинава економијата ќе порасне за 3,5 проценти, а забележано е и намалување на невработеноста. Државниот долг се одржува на умерено ниво. За буџетскиот дефицит, агенцијата посочува дека во тек се големи инфраструктурни проекти кои можат да се одразат на стапката, но истовремено го поттикнуваат економскиот раст на земјата. Благодарение на влезот на странските директни инвестиции, нотиран е раст на извозот.

За можноста за формирање слободни финансиски зони, Фич наведува дека ќе привлече нови странски инвестиции. Банкарскиот сектор е стабилен и останува добро капитализиран. Издавањето на еврообврзницата придонесе за раст на девизните резерви, забележува агенцијата. За во иднина, Фич прогнозира дека Македонија ќе продолжи со стабилната фискална и монетарна политика и оти најголемиот европски трговски партнер на Македонија ќе закрепнува, што ќе влијае позитивно на трговскиот биланс. Кредитната агенција Фич пет години по ред го потврдува стабилниот кредитен рејтинг на Република Македонија. Ова, според Министерството за финансии, е големо признание за економските политики кои ги води Владата, ако се земе предвид дека на многу економии од регионот и пошироко како Русија, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска, Србија и други, кредитниот рејтинг им е намален.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window