Скопје, 10 јануари 2015 (МИА) – Компаниите на кои фирмите производители на фискални апарати ќе им побараат дополнително да платат за одјавување на фискалните каси треба да ја информираат Управата за јавни приходи.
 
Ова денес го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој рече дека со директорот на УЈП презеле мерки и на фирмите производители на фискалните апарати им укажале дека тоа не смее да се случува, бидејќи нема никакви реални трошоци за одјавување на апаратите, дека тоа ја нарушува пазарната конкуренција и оти од сега натаму тоа не би смеело да се случува.

– На производителите на фискалните апарати им порачувам да конкурираат во една пазарна економија само со цената и со квалитетот.  Не смеат да ги уценуваат фирмите, ниту пак да им бараат дополнителни трошоци за одјавување доколку сакаат да се префрлат од еден на друг производител.  Мора да бидат ставени на пазарот кој се базира на квалитетот на фискалниот апарат и на цената, рече Ставрески одговарајќи на новинарско прашање по доделувањето на клучевите од станот на добитникот од наградната игра „Фискална во рака – награда без мака“.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.