Скопје, 27 јули 2012 (МИА) – Владата на Република Македонија во услови на европска криза не исклучува никакви сценарија и работи на изнаоѓање решенија и адекватни политики и мерки, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на новинарско прашање дали се подготвува за рецесија.
– Во услови кога кризата во Европа кулминира не може да се исклучи ниту едно сценарио. Ние работиме да најдеме решенија и адекватни политики и мерки за сите сценарија. Нашата улога како Влада е навремено да направиме напор последиците од таа рецесија, кои не можат целосно да се избегнат, да бидат што е можно поблаги и да го спасиме македонското стопанство и да им помогнеме на граѓаните да поминат со помали последици од оваа европска криза, истакна Ставрески.
Тој додаде дека Владата во тој контекст презеде навреме мерки како што се обезбедените 100 милиони евра од Европската инвестициска банка, средства кои како никогаш досега се ставени на располагање на македонските компании во една година по повластена камата. – Вкупниот износ во овие три години од кризата е 250 милиони евра, посочи министерот за финансии, кој ги напомена и обезбедените дополнителни 11 милиони евра за претпријатијата од земјоделскиот сектор, 350-те милиони евра во буџетот за капитални инвестиции, мерките за самовработување, а оти се очекуваат и ефекти од мерките во делот на намалување царини, ДДВ за туризмот и слично.
– Тоа се една лепеза на мерки во сите сегмени во стопанството со цел да им помогнеме на нашите претпријатија и она што го правиме на генерална основа општо со воздржување од зголемување на даноци и задржување на нула отсто од данокот од доход што е една мерка која ниту една земја во Европа ја нема и се наоѓаме пред предизвици како со такви ниски даноци да обезбедиме непречено работење на буџетот и извршување на обврските. Меѓутоа знаевме дека тоа за стопанството е најдобрата политика и така го направивме, потенцира Ставрески.
Според него, сите овие мерки зборуваат дека Владата презема се што може, но и навреме ги влече сите потези.
Тој потенцира дека во сегашната состојба не се планира ребаланс на Буџетот. – Ги следиме состојбите. Сега сме подготвени да ги повлечме најдобрите потези и тоа во оваа фаза не планираме ребаланс, рече вицепремиерот Ставрески на прес-конфернцијата во Владата на која премиерот Никола Груевски даде отчет за сработеното во изминатата година.