Вашингтон, 23 септември 2011 (МИА) – Последниот податок за порастот на БДП од 5,3 проценти за вториот квартал од годината е позитивно остварување и би рекол и над очекувањата на Владата за овој период од годината што само потврдува дека македонската економија е поставена на здрави основи и онаа политика за зголемување на јавните инвестиции со поддршка на градежништвото и индустријата во целина дава резултати, изјави во Вашингтон вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој ја предводи македонската делегација на Годинешното собрание на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка.
Тој во изјава за МИА, оцени дека токму градежништвото и инудстријата се носителите на економскиот раст во вториот квартал од годината и оти овие податоци очекува да бидат позитивно прифатени од страна на ММФ и Светската банка.
Ставрески, кој е придружуван од директорот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов, истакна дека Годинешното собрание на двете глобални финансиски институции се одвива во услови кога светската економија се наоѓа пред нови големи предизвици, пред се забавувањето на растот на американската и кинеската економија и должничката криза во Европа, што ќе бидат и главните теми на коишто ќе се осврнат учесницитер на форумот, како и на темата за финансии на развиените земји.
Средбите со врвното раководство на ММФ и на СБ ќе бидат искористени за да ја презентира економската состојба во Македонија и остварувањата во првите шест месеци од оваа година, како и да се побара поддршка од овие две реномирани финансиски институции за реализација на значајни проекти во Македонија.
– Очекувам да добиме потврда од нив за вкупниот износ на средства што ќе ни бидат позајмени и со кои што ќе бидат поддржани нашите проекти во следниот период и низ разговорите ние ќе укажеме кои се приоритетите на Владата пред се инвестициите во инфраструктурата, енергетиката, образованието, рече вицепремиерот Ставрески.
Предвидено е денеска и утре Ставрески да се сретне со извршниот директор на ММФ Ејџ Бакер, шефот на мисијата на ММФ во Македонија Вес Мекгру, потпретседателот на Светска банка Филип Леру и директорката за Македонија Џејн Армитаџ, како и со други високи претставници на двете финансиски институции.
На есенските состаноци на ММФ и Светска банка, кои се одржуваат секоја година, учествуваат министри за финансии и гувернери на централните банки на земјите членки, кои дискутираат за актуелните случувања и теми во светската економија.