Растот на економијата од пет проценти во првиот квартал од годината, податок објавен вчера од НБРМ, според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески е сосема задоволителен и над очекувањата на Владата.

&nbsp

– Се работи за еден позитивен и добар податок, кој на еден начин ги сублимира позитивните движења во многу сектори. Во индустријата има раст од 25 проценти, извозот расте со 40 проценти во првите три месеци, имаме пораст на бројот на работници во индустријата два месеца по ред и ако се погледнат сите движења, едно по друго, како еден мозаик, се гледа дека сликата се подобрува во однос на перспективите на македонската економија, рече Ставрески.

&nbsp

Според него, овој раст е еден одличен старт за оваа година и очекува дека до крајот на годината ќе се задржи добро темпо и оти ќе може да се оствари проектираниот раст или малку над тоа.

&nbsp

Во однос на проекциите на централната банка за инфлацијата, вицепремиерот истакна дека тенденциите се добри и оти очигледно во април таа се намалува.

&nbsp

– Инфлацијата очигледно во април се намалува во однос на она што беше во март кога изнесуваше 5,2 отсто, а во април таа е 4,8 отсто. Месечно ако се погледне април има пораст од 0,3 отсто за разлика од 1,7 отсто пораст во март. Ако се погледнат и пооделни структури кај исхраната имаме минимален пораст во однос на она што беше во март, изјави министерот.

&nbsp

Според него централната банка е онаа институција која е главна задолжена за задржување на стабилноста на цените, а улогата на државата е да помага во тој дел преку разумна фискална политика, контролирана фискална политика, контролирано трошење на буџетските средства да се остане во проектираните вредности.

&nbsp

Во врска со висината на јавниот и приватниот долг, кој според податоците објавени од Народната банка, е 66 отсто од БДП, вицепремиерот истакна дека Македонија останува со низок до умерен јавен долг, а зголемувањето, како што рече, се должи на порастот во приватнито сектор.

&nbsp

– Ако ги погледнеме бројките од 2005 до 2010 година јавниот надворешен долг е намален за 180 милиони евра. Во исто време приватниот надворешен долг е зголемен и целокупниот пораст на надворешниот долг се должи само на зголемувањето на приватниот сектор. Ако во тој дел се погледне структурата, покажува дека таму има зголемување на банкарски заеми, односно банките уживаат поголема доверба и можат да добијат средства од надвор. Има зголемување на средства за комерцијални и краткорочни и долгорочни кредити, односно трговски кредити што значи македонските претпријатија ги користат овие средства за купување репроматеријали, суровини и слично. И трето, има зголемување меѓу матичните фирми од странство со нивните подружници во Македонија, односно она што се третира како еден вид директни инвестиции, што значи има поголем број директни инвестиции и поголема доверба на матичните куќи во подружниците во Македонија, изјави министерот за финансии и додаде дека има прилично безбедна ситуација и од аспект на нивото на долг и од аспект на она што е јавен долг, односно долг на државата.

&nbsp

За средствата од ММФ, министерот истакна дека тие се користат како и сите средства во рамки на буџетските потреби, односно како што се користат редовните буџетски приходи и средствата од државните обврзници.Тие, како што додаде, се користат онолку колку што е потребно да се сервисираат сите обврски од буџетот, сума која постојано се менува.

&nbsp

– Од досегашното користење во најголемиот дел се работи за средства што ги ослободивме за стопанството, односно за замена на домашните обврзници. Отидовме со намалување на износот на државните обврзници за преку 35 милиони евра за последните еден и пол месец. Го заменивме тој долг кој беше со повисока каматна стапка со долг со пониска каматна стапка, истовремено вративме во стопанството. Средствата од ММФ де факто се користат за поддршка на ликвидноста на стопанството, истакна министерот.

&nbsp

За странските инвестиции посочи дека во Македонија во последните 3 години се 1,37 милијарди евра што е за 300 милиони евра повеќе отколку кумулативно 10-годишните инвестиции на владите на СДСМ. – Тоа покажува колку е успешна Владата на ВМРО-ДПМНЕ, односно коалицијата „За подобра Македонија“ во привлекувањето инвестиции. Една од политиките на Владата за да се привлечат инвестции беше нераспределената добивка да се ослободи од оданочување, што ја нема ниту една земја во Европа и се покажа дека тоа е успешна мерка бидејќи голем број домашни, но и странски компании се решија да ја искористат, изјави министерот за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на телекомандата и промоција на ремонтираните локомотиви и новите вагони за македонските железници.(МИА)

Comments are closed.