Скопје, 22 јули 2014 (МИА) – На работниците во Македонија им се дава право на избор да одлучат дали нормално ќе се пензионираат или да го продолжат својот работен век за една, две или три години. Тоа го овозможуваат измените на Законот за работни односи што Владата ги донесе на денешната седница.

Како што информира вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната прес-конференција, со новите измени мажите ќе можат да одлучат дали ќе одат во пензија на 64, 65, 66 или 67 години старост, додека жените ќе можат да изберат дали да одат во пензија на 62, 63, 64 или 65 годишна возраст. Владата на денешната седница донесе измени со кои за работниците кои работат со договор на дело или авторски договор работодавачот ќе мора да плаќа придонеси за пензиско и здравствено осигурување доколку тие остваруваат примања поголеми од минималната плата.

Вицепремиерот Ставрески очекува новите мерки да придонесат за намалување на невработеноста и сузбивање на сивата економија, бидејќи, како што кажа, работодавачите ќе бидат заинтересирани да склучат договори за работа со лицата кои досега работеле со авторски договор или договор на дело. Како што посочи, сите ќе бидат задоволни и од новите измени во Законот за пензионирање, бидејќи и досега работодавачите имале можност да им го продолжат работниот век на работниците што им се неопходни, а сега тоа право им се дава на самите работници.

За измените било разговарано со сите заинтересирани и сите позитивно ги оцениле. Работникот до 31 август во тековната година ќе треба да се изјасни дали го продолжува работниот век за наредната година.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window