Пробиштип, 7 февруари 2014 (МИА) – Нови 6.000 работни места се очекува да бидат отворени годинава во фабриките на странските инвеститори во индустриските зони во Македонија. Деновиве, веќе има и повеќе огласи како оние на „Анфенол“ во Кочани, „Џонсон Контролс“ во Штип и други.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денес истакна дека Владата и натаму ќе продолжи со бизнис заедницата и инвеститорите да гради еден добар амбиент за да се зголемува бројот на инвестиции и да се зголемува бројот на вработени.
– Од ден на ден се зголемува бројот на огласи со коишто се отвораат нови работни места од страна на инвеститорите. Деновиве имаме огласи за нови работни места во Кочани во „Анфенол“, потоа во Штип во „Џонсон Контролс“ и во многу други делови во Република Македонија. Со бизнис-заедницата и инвеститорите ќе продолжиме да градиме еден добар амбиент да се зголемува бројот на инвестиции, да се зголемува бројот на вработени во Македонија, кој со последните податоци го достигна историски највисокото ниво од 683.000 вработени во Македонија, највисоко ниво во овие 20 години, а невработеноста опаѓа. Последните статистички податоци се 273.000 невработени, што е најниско ниво на невработеност, односно стапка од 28,7 проценти, изјави вицепремиерот Ставрески, одговарајќи на новинарски прашања денес по пуштањето во употреба нов погон во фабриката за производство на акумулатори ТАБ МАК.
Тој очекува дека овие добри економски политики, посебно во делот на привлекување странски инвестиции, но и реализација на капитални проекти и со подобрувањето на инфраструктурата, изградбата на новите автопати, пругата кон Бугарија, субвенциите во земјоделството да креираат нови можности за нови инвестиции и за нови работни места.
Истакнувајќи дека преку реформите за подобрување на бизнис климата за инвестирање во земјата се гледаат и ефектите, рече дека постоечките капацитети веќе креираа околу 5.000 работни места и оти во текот на оваа година се очекуваат нови 6.000 работни места.
Прашан колку е значајно намалувањето на невработеноста со вложувањето на странските инвеститори, Ставрески рече дека всушност преку реформите за подобрување на бизнис-климата за инвестирање во РМ се гледаат и ефектите.
– Тоа покажува дека станува збор за еден сериозен процес, за еден сериозен придонес кон намалувањето на невработеноста. Очекувам дека со дополнителните политики и со обезбедување евтини кредити за домашните инвеститори и одржување нула стапка на данок на добивка ќе се зголемат и домашните инвестиции, а кон тоа ќе придонесе и стабилизирањето на европската економија и сето тоа заедно би требало да ни овозможи да продолжиме со добриот тренд на намалување на невработеноста, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.