Кратово, 9 мај 2014 (МИА) – Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денес најави дека Владата ќе ги санира сите свлечишта низ државата со што ќе се надминат потенцијалните проблеми при влошени временски услови.

При посетата на Кратово Ставрески укажа дека веднаш по информацијата за свлечиштето во овој град, Владата на итна седница одлучила да се испрати екипа од Јавното претпријатие за државни патишта, Градежниот факултет и фирми кои можат да излезат во пресрет. Во првите неколку дена, појасни, се преземаа зафати за да се спречи натамошното лизгање на земјиштето и денес веќе може да се види дека таа фаза е надмината.

– Добро е што имаме првични резултати, меѓутоа во следната фаза е потребна целосна санација на свлечиштето. Жителите на Кратово можат да бидат сигурни дека Владата ќе им излезе целосно во пресрет и оти ќе се преземат сите мерки за целосна санација на ова свлечиште. На тој начин еднаш засекогаш ќе се реши прашањето за ова потенцијално свлечиште, за оние кои го користат патот од Кратово до Пробиштип, изјави Ставрески.

Владата, како што рече, презела активности за санациски зафати на уште 6-7 други места во државата, како на пример во Маврово-Ростуше. – Со проектот на Светска банка ќе бидат санирани 6-7 свлечишта. На тој начин ќе се помогне за надминување на потенцијалните проблеми кои постојат кога има влошени временски услови, посочи вицепремиерот Ставрески.

Воедно најави дека посетата на Кратово ќе ја искористат за средба со градоначалникот и пратеникот од овој град, како и сите кои се надлежни за решавање на инфраструктурните и останатите проблеми на кратовската општина.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window