Прилеп, 3 април 2014 (МИА) – Во целост им се исплатени субвенциите на тутунарите, а деновиве разговараме со откупувачите да ги потпишат договорите со нив, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески пo денешната посета на општина Прилеп и средбата со стопанствениците од прилепскиот регион.
– Она што сега го правиме како дополнителен напор е да се издејствува откупните комбинати да потпишат договори со тутунарите , согласно договорот што го постигнавме пред десетина дена, истакна Ставрески.
Според него, државата нема да ги остави тутунарите сами да се справуваат со проблемот.
– До крај ќе инсистираме да се испочитува она што го ветија откупните претпријатија, дека ќе се потпишат договори со сите тутунари кои имале договори во 2013 година , со количествата што ги утврдивме на тој состанок, нагласи Ставрески.
По вчерашниот последен состанок со откупувачите , вицепремиерот очекува деновиве да се интензивира потпишувањето на договорите со тутунопроизводителите за новата реколта тутун.