Белград, 20 октовмри 2010 (МИА) – Македонија во следните две недели ќе одлучи дали ќе потпише договор со Меѓународниот монетарен фонд за понудениот кредит од 400 милиони евра, изјави за Ројтерс во Белград вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

 

– Овој заем е нов инструмент, различен од стенд-бај аранжмaните што ги има Фондот, за кои Македонија не е заинтересирана. Понудата заслужува да биде разгледана и споредена со другите расположиви опции, како еврообврзниците. Ќе се консултираме со бизнис заедницата и експертите. Во следните две недели ќе одлучиме дали ќе го прифатиме овој кредит за 2011 година, рече Ставрески на маргините од меѓународната конференција во Белград.

 

Тој посочи дека заемот би ги покрил сите буџетски потреби, вклучувајќи ги инфраструктурните проекти и отплаќањата на долгот.

 

– Овој заем им се нуди на земји кои можат самите да ги задоволат своите фианнсиски потреби. Тоа е знак за довербата на Фондот во земјата, истакна Ставрески. Според светската агенција, економијата на Македонија како земја со кандидатски статус за членство во ЕУ во срцето на Балканот, опадна за 0,7 проценти во 2009 година, што е многу помалку од земјите во соседството. Се очекува економијата во државата оваа година да порасне до 2 проценти, посочува Ројтерс.

 

Comments are closed.