Скопје, 4 ноември 2011 (МИА) – Идната година, наспроти сите предизвици, нема да има никакво зголемување на даноците, придонесите или на кои било други давачки за македонското стопанство, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Капиталните инвестиции следната година ќе го продолжат трендот на зголемување за цели 28 проценти или вкупно ќе бидат на историски највисоко ниво од 27 милијарди денари, односно 450 милиони евра. Главно ќе бидат насочени, напомена Ставрески, кон стратешките приоритети, патната инфраструктура, коридорите 10 и 8, пругата кон Бугарија, кон изградбата на објекти за локални и регионални патишта, во делот на здравството, кон се што може да помогне за јакнење на конкурентноста на македонската економија.
– Целокупниот износ на зголемувањето на буџетот од 150 милиони евра во 2012 година се должи најмногу на две ставки, зголемување на капиталните инвестиции за седум милијарди денари и на субвенциите во земјоделството, истакна министерот одговорајќи на новинарски прашања по средбата со претставниците на стопанските комори.
Тие го поздравија предвидениот Буџет. Задоволни се, како што рекоа, од сумата планирана за капиталните инвестиции. Воедно ја охрабруваат Владата не само да ги проектира, туку и да ги потроши парите.
– Двете клучни ставки се зголемени, а тоа е во согласност со нашите барања, потенцира претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.
Според Мирче Чекреџи од Сојузот на стопански комори, долгогодишните залагања на бизнис заедницата Буџетот да добие што поразвојна компонента годинава се веќе спроведени на дело. Компаниите очекуваат голем дел од Буџетот да влезе во реалниот сектор што ќе биде поддршка за нив ако евентуално настане позначајна европска криза.
– Задоволни сме од големината на сумата предвидена за капиталните инвестиции и од нивната структура. Би спомнал тука и една маргинална мерка, планираното субвенционирање на нискобуџетните компании што за нашите членки, мали и средни претпријатија, е исклучително значајна. Ние, за да го зголемиме извозот треба претходно да патуваме, а досега авионските билети беа скапи, нагласи Чекреџи.
За вицепремиерот Ставрески се реални очекувањата вкупната економија догодина да порасне за 4,5 отсто.
– ММФ има право на проекции и ние исто така. И оваа година проектиравме различни цифри, ќе видиме чии ќе се остварат. Нашата проекција е реална во ситуација кога веќе имаме остварен раст од 5 отсто во правта половина од оваа гоидна. Ако кризата во Европа има разрешница во догледно време или барем биде контролирана, тогаш секако со планираните крупни инфраструктурни проекти ќе дадеме силен импулс за реализација на предвидениот раст од 4,5 отсто. Се работи за значајни проекти кои ќе ангажираат голем број градежни компании и индустријата. Верувам дека тоа во голема мерка ќе го поддржи растот, а да не ги заборавиме и 150-те милиони евра од Европската инвестициска банка кои, покрај Буџетот, како дополнителни пари ќе завршат кај малите, средните и останатите претпријатија, рече Ставрески.
Во врска со зголемените давачки од страна на ЕУ за извоз на одредени македонски земјоделски производи, директорот на Царинската управа Ванчо Каргов информира дека е веќе донесена одлука за надминување на овој проблем. Се чека на нејзина реализација.
– Во тек е постапка за елиминирање на давачките. Се очекува во скоро време административните стапки да бидат спроведени и овие давачки да бидат елиминирани.
Последните информации се дека одлуката е донесена. Се чека нејзина реализација, се надеваме дека тоа ќе се случи за одредено време, истакна Каргов.