ИНТЕРВЈУ НА ВИЦЕПРЕМИЕРОТ И МИНИСТЕР ЗА ФИНАНСИИ ЗОРАН СТАВРЕСКИ ЗА „ВЕЧЕР“
Фирмите во Македонија плаќаат најниски даноци. Денес државата пет пати помалку зафаќа од заработката на компаниите во споредба од пред десет години. Тоа се стотици милиони евра годишно директна помош од Владата за домашните фирми преку даночната политика
1. И покрај турбулентната политичка ситуација македонската економија е во добра кондиција. Како се случи и покрај политичката криза земјава во 2015 да оствари четврт најдобар економски резултат во Европа?
– Добрите економски резултати на македонската економија во услови на политичка криза која трае веќе една година не се феномен, туку производ на добро поставените економски политики кои се практикуваат во земјава последниве десет години.
Прво, во Македонија е создадена одлична бизнис клима за фирмите. Македонија е 12-та најдобра дестинација во светот за водење бизнис во конкуренција од 189 земји според реномираниот извештај Doing Business 2016 на Светска банка и ИФЦ. Тоа е подобрување од 82 места во однос на 2006 година кога бевме на 94 место. Македонија има најдобра бизнис-клима во Југоисточна Европа и е подобро рангирана од 24 земји членки на ЕУ, односно на шесто место во Европа. Преку регулаторните реформи и реформите за подобрување на бизнис-климата значително се намалени административните процедури и поедноставени се постапките за добивање лиценци, дозволи, одобренија и други формалности. Со тоа директно им се помага на фирмите во насока на намалување на трошоците и времето потребно за работење.
Второ, фирмите во Македонија плаќаат најниски даноци во Европа. Воведовме најнизок рамен данок од 10% и истиот го задржавме во услови на најголема светска и европска криза.
И конечно, фирмите во Македонија знаат дека имаат потпора во оваа Влада во секое време. Кога имаше потреба да се подобри ликвидноста на фирмите обезбедивме ефтина кредитна линија од 350 милиони евра за мали и средни претпријатија. Издвојувавме и издвојуваме значајни суми за капитални инвестиции, кои значат работа за фирмите. Спроведуваме низа проекти како „Македонија вработува“, „Купи куќа, купи стан“, „Купи куќа за млади“ од кои исто така директна корист имаат и фирмите.
2. Во една своја изјава споменавте дека „најголема помош која државата им ја дава на фирмите е преку даночната политика“. На кој начин им помагате на фирмите преку даночната политика?
– Фирмите во Македонија плаќаат најниски даноци. Да споредам, ако ефективната даночна стапка – тоа е зафаќањето на државата преку даноците од профитот на фирмите, во 2005 и 2006 година изнесувала околу 40 отсто, денес таа е пет пати помала. Значи денес државата пет пати помалку зафаќа од заработката на компаниите. Тие средства остануваат на фирмите самите да одлучат како ќе ги распределат и како ќе ги инвестираат. Тоа се стотици милиони евра годишно директна помош од Владата за домашните фирми преку даночната политика.
Во континуитет имплементиравме мерки со кои се намали даночниот товар на фирмите. Во периодот од 2009 до 2015 за време на кризниот период кога се чуствуваа последиците од светскатата и европската криза, овозможивме ослободување на фирмите од обврската за плаќање данок на нераспределената добивка. Го задржавме данокот на добивка од 0% ако се реинвестира добивката. Се укина данокот на добивка за микро и мали бизниси со приход до 3 милиони денари.
Ги намаливме стапките за придонеси за пензиско и за здравствено осигурување. Стапката на придонесот за пензиско осигурување е намалена од 21,2% на 18%, а на придонесот за здравствено осигурување е намалена од 9,2% на 7,3%, придонесот за вработување од 1,6% на 1,2%
Во периодот 2006-2015 година неколкукратно се намалени и царините на барање на бизнис-заедницата, со што се зголеми конкурентноста на фирмите. Ова придонесе за намалување на ефективната царинска стапка на 1,75%, што е една од најниските во регионот. Преку укинување и намалување на царинските стапки за суровини и репроматеријали обезбедена е поддршка за земјоделското производство, за прехранбената и кондиторската индустрија, за индустриското производство и за транспортниот сектор. Денес фирмите плаќаат 40% пониски царини споредено со 2006 година, додека врз основа на укинати и намалени царински такси и надоместоци дополнително остваруваат заштеди во износ од над 10 милиони евра годишно.
3. Уште две недели фирмите можат да го искористат проектот „Македонија вработува“. Бидејќи проектот завршува, дали може да ги сумирате резултатите, задоволни ли сте со неговите ефекти, постигната ли е намерата?
– „Македонија вработува“ за една година креираше над 16.000 работни места. Тоа е исклучително добар резултат. „Македонија вработува“ донесе придобивки и за фирмите кои со помали трошоци ангажираа работници и за граѓаните кои преку проектот најдоа работа. Проектот успеа да ги опфати сите категории на граѓани. Преку него се вработија над 12.000 млади луѓе до 29 години, но имаме и околу 2.700 вработувања на лица помеѓу 50 и 58 години и 700 вработувања на лица над 58 години. Тоа се луѓе кои без овој проект веројатно немаше да дојдат до работа.
Создадовме успешен систем за справување со невработеноста
4. Во последните десет години невработеноста е намалена од 38 на 24,6 отсто. Создаде ли Македонија систем за справување со невработеноста?
– За овие десет години отворени се 150.000 работни места. Минатата година отворени се нови 20 илјади работни места. Преку „Македонија вработува“ креирани се над 16.000 работни места. Преку мерката за вработување млади до 29 години заедно со „Македонија вработува“ креирани се над 24.000 работни места. Преку активните мерки на АВРМ вкупно 34.600 нови работни места. Преку странските директни инвестиции креирани се 16.000 работни места. Дополнително странските фирми соработуваат со домашни фирми, што креира дополнителна работа за нив и потреба од нови работни места. Преку ефтината кредитна линија на МБПР за мали и средни претпријатија отворени се нови 7.000 работни места. Даночните зафаќања се мали и им се оставаат повеќе средства на фирмите да ги инвестираат и да отвораат нови работни места. Се спроведуваат крупни инфраструктурни проекти кои отвораат работа за домашните фирми што повторно отвора нови работни места.
Согласно сето ова можам да кажам дека оваа Влада конечно создаде систем за решавање на најголемиот проблем кој произлезе од транзицијата – проблемот со невработеноста. И како што може да се види тој систем успешно функционира. Невработеноста во континуитет се намалува и е на историско најниско ниво. Очекувањата се дека ќе продолжиме во таа насока и дека за две години невработеноста ќе се намали на 22 отсто.
5. Започна реализацијата на проектот „Купи куќа за млади“. Како до овој проект и како до државен плац за изградба на куќа?
– „Купи куќа за млади“ веќе ги има првите корисници, а во текот на годината очекуваме голем интерес за овој проект. Граѓаните можат да се информираат за постапката за аплицирање во канцелариите „Купи куќа, купи стан“ во Министерството за финансии и подрачните канцеларии кои се наоѓаат низ градовите во канцелариите на Управата за имотно правни работи и Управата за јавни приходи. Исто така можат да се информираат и на караванот кој секоја недела држи презентации во различни општини.
Во однос на државните плацеви – 48 општини ќе понудат 7.400 државни парцели за изградба на куќи. Наскоро Агенцијата за Катастар ќе го пушти во употреба Регистарот за градежно земјиште за цела Македонија, каде ќе се објават сите урбанистички планови во Македонија и каде меѓу другото граѓаните ќе можат да видат кои парцели во моментот се расположиви.
„Купи куќа за млади“ е одличен проект за младите до 35 години, кој овоможува субвенции од државата за изградба, надградба или доградба на куќа кои можат да достигнат и до 33.000 евра. Ова е значајна помош од државата за младите кои го немаат решено станбеното прашање.