Скопје, 10 јули 2012 (МИА) – Евтините кредити што Владата ги обезбеди преку кредитната линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка од денеска достапни за македонските компании. Договорите со ЕИБ ги потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот на Македонска банка за поддршка на развојот Драган Мартиновски.

 

Фирмите ќе ги добијат средствата по исклучително поволна, субвенционирана камата од 5,5 проценти и рок на отплата од осум години со грејс период од две години. Ќе се пласираат преку Македонската банка за поддршка на развојот, а фирмите ќе поднесуваат барање кај девет деловни банки – Стопанска банка Скопје, НЛБ Тутунска банка, Комерцијална банка, Охридска банка, Шпаркасе банка, Стопанска банка Битола, Прокредит банка, ТТК банка и Халк банк.

Вицепремиерот Ставрески, истакнувајќи дека овој проект претставува продолжение на успешната реализација на првите две кредитни линии кои беа пласирани исто така преку Македонска банка за поддршка на развојот, рече дека целта на оваа трета фаза од проектот е продолжување на поддршката на приватниот сектор од страна на Владата преку нови средства да се зголеми ликвидноста на стопанството и извозот.

Тој очекува овие средства, доколку се стабилизираат состојбите во Европа и се зголемат нарачките на домашните компании, компаниите да ги искористат не само за дневна ликвидност, туку и за инвестиции и отворање нови работни места.

Со претходните две кредитни линии од 150 милиони евра беа поддржани 712 проекти на мали и средни претпријатија кои отворија 3.150 нови работни места. Според министерот, важно е што беа поддржани производни и извозни компании што значи дека со средствата од ЕИБ се поттикнува домашното производство и извозот.

– Со овој проект, со новите 100 милиони евра и претходните 150 милиони евра, вкупната поддршка што Владата во текот на овој кризен период, во овие 3-4 години што ја обезбеди за македонското стопанство е 250 милиони евра, средства што никогаш претходно не биле обезбедни во толкав износ како поддршка на владата за стопанството, рече министерот Ставрески.

Според директорот во ЕИБ Доминик Корубин, оваа кредитна линија заедно со претходните две ја покажуваат одлучноста на Владата да даде поддршка за инвестиции на малите и средните претпријатија и тоа во услвои на финансиска и економска криза, а со цел да се зачува економскиот раст во земјата.

Истакнувајќи дека претходната кредитна линија е искористена за четири месеци, Корубин изрази надеж дека и овие средства ќе бидат распределни за краток период.

Директорот на МБПР Драган Мартиновски, посочувајќи дека 70 проценти од кредитната линија се за малото стопанството, а 30 проценти за големите компании, рече дека таа има значење за вкупната економија во Македонија.

Наведувајќи дека на крајните корисници ќе им бидат достапни по поволни услови со камата од 5,5 проценти, рече дека и оваа кредитна линија како претходните две ќе има позитивни ефекти.

Малите и средните претпријатија ќе може да ги користат за обртни средства и за инвестиции, за големите компании може да аплицираат за проекти од областа на животната средина, претприемништвото и иновации, енергетика, инфраструктура, индустрија и други услужни дејности. Кредитите од 10.000 до 3,5 милиони евра ќе се одобруваат со рок на отплата осум години грејс период од 2 години, а кредитите со износ од 5.000 до 667.000 евра со рок на отплата до 3 години со грејс период од 6 месеци.

Средствата кои се обезбедуваат за да им се помогне на компаниите да се извлечат од кризата поради случувањата во еврозоната се дел од последниот пакет мерки на Владата.

Одговарајќи на новинарско прашање министерот Ставрески истакна дека обезбедувањето поволни кредитни линии од ЕИБ за директна поддршка на фирмите и зголемување на износот на капиталните инвестиции во Буџетот кои за оваа година се 350 милиони евра се мерките со кои од 2009 година се бори државата против европската криза. – Македонија како мала земја максимумот што може да го извлече да го стимулира растот е да обезбеди кредити по поволни услови и да форсира капитални инвестиции, рече Ставрески.

Во врска со продажбата на држави записи, тој рече дека секогаш кога државата запишува државни записи тие повторно завршуваат во економијата. – Државата не ги стерилизира тие средства. Државата или ги враќа кон банките или пак исплаќа обврски преку кои повторно средствата завршуваат во економијата, рече министерот.

За последните податоци на статистика за дефицитот, Ставрески рече дека таквиот дефицит е 20-годишна ситуација во Македонија која не е резултат на мерките на актуелната Влада, туку повеќе е резултат на структурата на македонското стопанство и додека е под контрола може да се финансира предоминантно со странски директни инвестиции и не би требало да е посебен проблем.

 

– Она што може да го ублажи трговскиот дефицит е да се промени структурата на македонската економија во насока на производство на производи со повисока додадена вредност како што се оние што на „Џонсон Мети“ и „Џонсон контрол“. Верувам дека со инвестициите што ги привлековме и вклучувањето на македонски компании како добавувачи на овие странски инвеститори ќе успееме во пократок рок од оној што е вообичаен да ја промениме структурата на македонското стопанство. Сепак, треба да бидеме објективни, тоа е среднорочна цел, тоа не е нешто што може да се промени за една година или две, рече министерот за финансии Зоран Ставрески.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window