8 март 2019 година, Скопје – По повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената, денеска во Министерството за финансии се одржа настан на тема „Таа може се“. Гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска, заменик-министерката Ширет Елези, уметничкиот директор на МОБ, Олга Панго идиректорката на Паблик, Климентина Илијевски пред МФ Тевдовски и вработените во Министерството за финансии ги споделија своите искуства, со порака дека „жената мора да работи на себе“.

Тевдовски порача дека столбот во јавните финансии го држат жените, потсетувајќи дека  две третини од вработените и од раководителите во МФ се жени.

Гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, вели дека Министерството за финансии го чувствува како свој дом, бидејќи своите професионални корени ги создава токму тука. За нејзиниот пробив вели дека било потребно големо себевложување. Таа била дел од тимот кој работел на воспоставување на клучните реформи кои понатаму ќе претставуваат столб на макроекономската и на фискалната стабилност. 

Токму тоа искуство ѝ овозможува да постане гувернерка на Народна банка.

– Истражување на Меѓународниот монетарен фонд покажува голема поврзаност меѓу економскиот раст и поголемото учество на жените на раководни позиции во општеството. Воедно, колку е поголемо учеството на жените на раководни позиции во централните банки и деловните банки, стабилноста на банкарскиот систем во тие земји е поголем. Ако ја видиме раководната структура во Народна банка, може да заклучиме дека нема потреба од грижа за стабилноста, вели Бежоска.

Заменик-министерката Елези вели жените се деталисти и оттаму е природно дека работата ја извршуваат беспрекорно, до детали. Како заменик-министер за финансии, доаѓа од позицијата министер за локална самоуправа.

Климентина Илијевски, извршен директор на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ и главна и одговорна уредничка на списанието „Лице в лице“, вели дека состојбата на пазарот на трудот во земјава од родов аспект е поразителна.

Во најпродуктивниот период од својот живот (од 25 до 49 години), регистрирани се околу 125.000 неактивни жени чиј потенцијал останува заробен. Затоа ни се важни претприемачи/ки со вредности што ќе придонесат во локалниот развој и истовремено ќе им овозможат вклучување на пазарот на труд на потешко вработливите лица. Иднината на бизнисот, а тоа е оној бизнис кој ќе одговори на целите за одржлив развој е социјалниот бизнис, вели таа.

За времето кога дошла до идејата да ја формира Асоцијацијата и да издаде улично списание вели дека на многумина  истата им изгледала луда и неприфатлива. Но го следела својот сон, не откажувајќи се од својата идеја.

– Пред седум години, кога речиси никој во Македонија не знаеше што е уличен печат, ниту пак што е тоа социјално претприемаштво, одлуката да заминеш од постоечката работа и да почнеш нешто толку неизвесно како улично списание, на многумина околу мене им изгледаше луда и неприфатлива. А јас само си го следев сонот,  развивајќи идеја што ги спојува потребите во општеството со бизнис. И денес сум со едната нога во граѓанскиот сектор, а со другата во бизниссекторот и искрено верувам дека општествата ќе стануваат подобри со имањето што повеќе бизниси кои преку своето работење решаваат проблеми обединувајќи ги во едно профитот, планетата и човекот, вели таа.

Вработените на МФ, денеска по повод 8 Март, имаа можност да ги слушнат искуствата и на Олга Панго, уметнички директор на МОБ, кореограф и  поранешна балерина, која по години поминати во префинетата професија сега се бави со сосем поинаква иако на истото поле, балетот.- Се борам балетот да застане рамо до рамо до светските куќи. Се бориме да стоиме цврсто, вели таа.

Зад секоја од нив стои грижлив сопруг, кој ги поддржува во секој чекор. Гувернерката порачува дека жената мора да работи на себе, но тука значајна е и поддршката од семејството.

–  Доколку ја немав поддршката од семејството немаше да можам да го изодам патот, вели таа.

Comments are closed.