Скопје, 22 април 2016 (МИА) – Подготовка на нов закон за осигурување по ЕУ директивите, зајакнати капацитети на Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) и зголемени капацитети на Агенција преку зголемена свесност во врска со заштита на потрошувачите е целта на осумнаесетмесечниот твининг проект кој е поддржан со 700 илјади евра од ЕУ.
Проектот се реализира од март годинава, а денеска официјално беше претставен во Скопје. Спроведувањето произлегува од потребата од хармонизација на постоечката регулатива со европското законодавство. АСО е одговорна за донесување на подзаконите и вршење на супервизија на пазарот за осигурување и исполнување на критериумите на Солвентност II.
Меѓународната Иберо-американска фондација за администрација и јавни политики го креираше овој проект како одговор на потребите на Агенцијата и Министерството за финансии.
Исходот од проектот, како што беше посочено на денешната промоција, е понатамошно доближување на регулаторните системи со ЕУ директивите со цел да може целосно да учествува во внатрешниот пазар по влегувањето во Унијата.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување Климе Попоски посочи дека директивата Солвеност II носи новости истовремено за друштвата за осигурување, супервизијата и корисниците на осигурувањето.
– Тие промени се толку опсежни што ќе влијаат на промената на целиот бизнис модел на друштвата за осигурување, како и моделот на спроведување на супервизијата што ќе биде заснован на ризици. Затоа е добро што овој процес се иницира кога Македонија е со статус кандидат за членство во ЕУ и оти со тоа визионерски се гледа на осигурителниот пазар чија крајна цел е да се овозможи на пазарните учесници да работат во напреден регулиран супервизорски амбиент, рече Попоски.
Државникот секретар во Министерството за финансии Игор Димитров потенцира дека Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ континуирано го подобрува законодавството и ги имплементира стандардите на ЕУ.
Тој додаде дека во моментов функционирањето на осигурителниот пазар се регулира со Закон за супервизија на осигурувањето, така што преку овој проект користејќи го шпанското искуство, ќе се стигне до она што се очекува, односно нов закон за осигурување со имплементирани ЕУ директиви.
Шпанскиот амбасадор Рамон Абароа потенцира дека тие ќе го пренесат своето искуство во оваа област и ќе го стават целиот расположлив капацитет за оваа земја да го подобри пристапот во еден огромен единствен пазар.
Посочи дека имаат спроведено над 300 успешни твининг проекти во 30 различни земји.
Мартин Клауке, од Делегацијата на ЕУ во Скопје истакна дека новите регулативи во ЕУ се услов за секоја земја која сака да стане член на ЕУ. Оцени дека во 2015 година има успешен напредок во областа на осигурувањето и оти финансиските услуги се сигурни.
Твининг проектот ќе го спроведува Меѓународната Иберо-Американската Фондација за Администрација и Јавни Политики (ФИИАПП) во соработка со Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурувањето.