5 јануари 2019, Скопје – Во 2018 година во Македонија имаме највисок раст на платите години наназад, вели министерот за финансии Драган Тевдовски во интервју за Канал 5 телевизија. Ако порано платите растеле со стапка од 1,5% и 2% годишно, во првите 10 месеци од 2018 просечната плата има раст од 5,7%. Тевдовски посочува дека клучни приоритети на Владата се растот на платите од една страна, а од друга – отворање на нови работни места.
-Во 2018 економијата се движеше напред и тоа пред се поради приватниот сектор. Платите растеа. Во првите десет месеци од 2018 растот на просечната плата е 5,7%.Тоа е највисок раст ако споредите со многу години наназад. Платите во Македонија порано растеле со 1 и пол, 2 проценти, сега имаме неколкукратно повисок раст. Индустријата растеше со стапка од скоро 6% изминатава година. Извозот има континуирано двоцифрена стапка на раст. Стапката на невработеност се намали, изнесува 20,8 проценти. Имаме околу 14 илјади новоотворени работни места. Сево ова покажува дека економијата се движи во вистинска насока.-вели Тевдовски.
Тој посочува дека даночната реформа нема да има влијание за најголем дел од вработените. За неа, вели, имало долга дебата во јавноста и прикажани се анализи дека најголем дел од вработените ќе добијат даночно олеснување, бидејќи истото е зголемено од 7.500 на 8.000 денари.
-Рамниот данок беше карактеристика на поранешни социјалистички земји, кои имаа слаби институции и не веруваа во институциите. Како што почнаа да ги подобруваат институциите, полека почнаа да се откажуваат од рамниот данок и воведуваа прогресивен. Во сите земји кон кои се стремиме, како земјите од ЕУ, САД, има прогресивен данок, со многу поостри стапки од оние кои што се предлагаат тука – вели Тевдовски.
Тевдовски посочува дека јавниот долг е стабилизиран. Ако на крајот од 2016 година тој изнесувал 48,8% од БДП, на крајот од 2018 година тој е намален на 48,2%.
-Од претходната Влада наследивме огромни обврски кои ги сервисираме. На пример, во 2019 имаме долгови за враќање од повеќе од 10-тина милијарди денари, покрај буџетскиот дефицит кој поради постепената фискална консолидација го намалуваме и ќе изнесува околу 17 милијарди денари-вели министерот за финансии.
Тевдовски очекува годинава капиталните инвестиции да се реализираат со побрзо темпо. Како што посочува, главните проблеми кај проектите се разрешуваат, што особено се чуствувало во последниот квартал од 2018. Тој вели дека нивото на капитални инвестиции е реално и разумно, а реализирањето на капиталните инвестиции, заедно со инвестициите од приватниот сектор ќе придонесат за раст на бруто инвестициите од 4,2 проценти.