15 јули 2018, Скопје – Од досегашните искуства, по пристапувањето на земјите во НАТО се намалува невработеноста, економскиот раст е забрзан и се забележува подигнување на животниот стандард.  На пример, кај земјите кои пристапија во НАТО во 2004 година, ако се спореди период од пет години пред и по членството се забележува скоро двојно намалување на стапката на невработеност, вели министерот за финансии Драган Тевдовски во изјава за МИА.

– Доколку се земе предвид просекот пет години пред и по влезот во НАТО, се забележува и забрзан раст на економијата. На пример, Бугарија од просечен раст од 2,8 проценти пред влезот, по пристапувањето во НАТО забележува раст од 6,7 отсто. Кај Романија растот се зголемил од 3,7 на 7,2 отсто, а кај Словачка од 2,8 на 7,4 отсто. Секако дека тука е важно и движењето на глобалната економија, вели министерот за финансии.

НАТО ќе значи плус за македонската економија, бидејќи членството, пред сѐ, е гарант за безбедност. Безбедноста значи политичка стабилност, демократија, а тоа се оние главни предуслови за да имаме побрз економски раст, вели Тевдовски.

– Сите домашни и странски инвеститори првото прашање што го поставуваат е дали постои стабилност, безбедност. НАТО ќе го обезбеди тоа. Практично тоа ќе значи доверба во иднината на земјата, ќе значи статус на земјата во меѓународната заедница. Може да се очекува дека и домашните и странските инвеститори ќе ги зголемат инвестициите, ќе вложуваат во нови производни линии, во нови производи, ќе отвораат нови работни места, ќе даваат повисоки плати. Сето тоа ќе го движи животниот стандард на граѓаните, посочува Тевдовски.

.
Мерено преку номиналниот БДП по глава на жител, усогласен со куповната моќ, кај земјите по пристапувањето во Алијансата се забележува подобрување на животниот стандард. На пример, кај земјите што пристапија кон НАТО во 2004 година, согласно податоците на ММФ, се забележува пораст на овој показател од 7 проценти просечно на годишно ниво во петгодишниот период пред зачленувањето на 10,2 процента просечно на годишно ниво во петгодишниот период по зачленувањето. По зачленувањето во НАТО, во новите земји-членки се забележува и значајно подобрување на дистрибуцијата на доходот мерено преку коефициентот ЏИНИ. (МИА) 

Comments are closed.