21 ноември 2017, Скопје – Значително повеќе средства во Буџетот за активни мерки за вработување за следната година, најави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски на лансирањето на новата кампања „ЕУ за тебе“ која се однесува на вработувањето, образованието и социјалната инклузија и на која учествуваше заедно со еврокомесарот Јоханес Хан, евроамбасадорот во Македонија Самјуел Жбогар, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Скоро една милијарда денари се предвидени со Предлог-буџетот за 2018 година за активни мерки за вработување на граѓаните. Ова е најголема сума досега издвоена од Буџетот на Република Македонија за решавање на најгорливиот проблем во општеството – невработеноста.
Министерот посочи дека во однос на политиките во областа на вработувањето, образованието и социјалната инклузија покрај значајната поддршка од ЕУ преку средствата од ИПА, и Владата издвојува и планира значителни средства за спроведување на истите. Како пример, министерот за финансии Тевдовски ги посочи активните мерки за вработување.
– Активните мерки за вработување се добар пример за комплементарноста на политките на ЕУ и националните политки на Владата на РМ. И покрај значајната поддршка на ЕУ преку грант средствата од ИПА, за мерките за вработување за следната година предвидовме скоро една милијарда денари, што е значително поголема сума од она што досега се двоело за оваа намена – истакна министерот за финансии Тевдовски.
Во Буџетот за 2018 година се предвидени и средства за поддршка на домашните и на странските компании што дополнително ќе придонесе за отворање нови работни места.