1 март 2019, Скопје – Јавниот долг е под контрола и за него се известува транспарентно и со веродостојни податоци. Ако од 2008 до 2016 година јавниот долг беше брзо растечки, сега е стабилизиран и е на пониско ниво во однос на 2016 година. Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на работилницата со новинари посветена на јавниот долг, а во рамки на кампањата на Министерството за финансии за финансиска едукација.

-За разлика од периодот од 2008 до 2016 кога јавниот долг беше брзорастечки, галопирачки и се зголеми од 23% од БДП на 48,8%, сега тој е стабилизиран и е понизок од 2016 година, односно изнесува 48,7% од БДП. Исто така, велиме дека долгот е под контрола, бидејќи трошокот кој го плаќаме – каматите, се значително намалени. На пример, ако на почетокот на 2016 година каматата за 12-месечни записи без девизна клаузула изнесувала 2,6%, на почетокот на 2017 – 2,1%, сега таа е намалена на 0,8%. Издејствуваме најниска каматна стапка од 2,75% за еврообврзницата од 2018 година, додека претходните еврообврзници имале камати во распон од 4% до 10% – рече Тевдовски и додаде дека зголемена е и рочноста на портфолиото и преполовен е бројот на  аукции што го прави долгот полесен за сервисирање.

Министерот истакна дека транспарентно се известува за долгот и со веродостојни податоци. Тој рече дека земјата неодамна пристапи кон највиоскиот статистички стандард СДДС плус, кој го исполнуваат само 18 земји во светот.

Тевдовски рече дека ако претходната влада го тргнала негарантираниот долг од пресметката за јавен долг и престанала да ја изработува Стратегијата за управување со јавен долг, оваа Влада со измените на законот за јавен долг ги враќа истите.    

-Со измените на Законот за јавен долг, кои се во собраниска процедура, го враќаме и негарантираниот долг во пресметката за јавен долг. Ова беше препорака од меѓународните финансиски институции, како и наша заложба за транспарентно известување за долгот, откако во 2014 негарантираниот долг беше изваден од пресметката. Исто така, со измените во законот, ја враќаме Стратегијата за јавен долг, која во 2011 година беше вметната во Фискалната стратегија, со што се намали обемот на податоци. Со изработка на Стратегија за управување со јавниот долг, јавноста детално ќе биде информирана за портфолиото и менаџирањето со долгот-вели Тевдовски.

Инаку министерот за финансии посочи дека целта за организација на овој настан е  почетокот на активна кампања за финансиска едукација, која опфаќа различни профили на интерес и различни возрасти. Тој посочи дека во духот на фискалната транспарентност, освен што се објавуваат сите податоци, тиепреку едукацијата стануваат и попристапни за целата јавност.  

 

Comments are closed.

Close Search Window