10 мај 2018, Јордан – Два крупни проекта од областа на гасификацијата најави министерот за финансии Драган Тевдовски, кој учествува на Годишните средби на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Јордан. Првиот се однесува на изградба на секундарна гасоводна мрежа во општините, а вториот на изградба на магистрален гасовод помеѓу Македонија и Грција. ЕБОР е заинтересирана за финансирање на двата проекта.

– ЕБОР во моментов финансира два проекта во областа на енергетската инфраструктура во Македонија. Во блиска иднина планираме  да ги зголемиме капиталните инвестиции во енергетиката. Тука зборувавме и имаме начелна согласност за учество на ЕБОР во два значајни проекта. Првиот е за изградба на секундарна гасификациона мрежа во повеќе општини во различни региони. Големината на проектот е проценета на околу 50 милиони евра. Покрај кредитна линија за овој проект, побаравме и грант средства кои треба да обезбедат и изработка на техничка документација за проектот – рече министерот за финансии Тевдовски.

Тевдовски посочи дека вториот проект од областа на гасификацијата за кој се дискутирало на средбите е интерконекција на Македонија и Грција со гасовод.

– Тоа е важен проект. Веќе имаме добиено писмо за интерес од страна на Европската инвестициска банка за финансирање на проектот, а има интерес и од грчката страна за негова реализација – истакна Тевдовски.

Инаку, денеска во рамки на Годишните средби на ЕБОР, министерот Тевдовски зема учество на Тркалезната маса на Бордот на гувернери. Воедно оствари и повеќе билатерални средби. Фокусот на дискусијата е реализација на тековните, но и договарање идни проекти.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.