Скопје, 25 септември 2018 (МИА) – Mинистерот за финансии Драган Тевдовски оствари средба со градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски. Една од темите за кои дискутираа беа ЕУ фондовите и капиталните инвестиции.
– За нас како Министерство за финансии е многу важно дека има голема поддршка на изградба на тоа што им треба на граѓаните во општините. Тука се вложува во атмосферска канализација, во реконструкција на пат, но ЕУ вложува и во изградба на автопати, во училишта, во пречистителни станици, изјави Тевдовски посочувајќи дека добиваме значајна поддршка од ЕУ за подобрување на инфраструктурата.
На годишно ниво ЕУ инвестира 90 милиони евра. Инвестициите во инфраструктурни проекти како патишта, училишта, болници ќе овозможи подобри услуги за граѓаните
Во општината во моментов, како што посочија и министерот и градоначалникот, се реализира проект преку ИПА фондовите практично за рехабилитација на пат во село Драчево, но дека е потпишан и договор за финансирање атмосферска канализација преку МСИП преку Светската банка.
Меѓу планираните проекти за кои, како што рече министерот, може да се разгледуваат можности и за надворешни извори или да се помогне со средства од буџетот, се изградба на две градинки и училиште.
Градоначалникот Филип Темелковски ја оцени соработката на локалната и централната власт како одлична посочувајќи на проектите што ги работат заедно.
– Се надеваме во иднина ќе продолжи соработката и навремено ќе се координираме за буџетот за 2019 и 2020 година, што беше тема на денешната средба.
Тевдовски и Темелковски по средбата во општината, заминаа на состанок со бизнис заедницата што функционира на оваа територија, за да ги слушнат нивните барања и да се најде заедничко решение на сите проблеми.