4 јануари 2018 година, Скопје – Министерот за финансии, Драган Тевдовски, оствари работна средба со директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми. Директорот информира дека во 2018 година Управата поднела вкупно 74 кривични пријави за дела со кои е нанесена штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 3 милијарди денари. Ова е значително повеќе во споредба со 2016 година кога била поднесена 41 кривична пријава со што е нанесена штета на Буџетот на РМ во износ од 293 милиони денари.

На работната средба се дискутираше за постигнатите резултати на Управата за финансиска полиција во 2018 година и планираните активности во 2019 година.

Минатата година направени се неколку клучни реформи и активности во Управата, меѓу кои и  измени на Законот за финансиска полиција. Управата од 2018 година зема учество во Платформата за меѓусебно поврзување и користење на базите на податоци помеѓу државните институции. На предлог на Управата прифатено е и ново кривично дело во Кривичниот законик на Република Македонија – даночна измама. Воедно, Управата зема активно учество во Стратегијата за борба против тероризмот, Стратегијата за заштита на финансиските интереси на ЕУ во РМ како и во Стратегијата за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги.

Во 2019 година ќе се воспостави меѓународна соработка со органи и институции од земјите членки на Европската Унија. Воедно се планира и понатамошен развој на системот на податоци со Европол и Интерпол. Во рамки на овие активности ќе се потпише меморандум за соработка со Финансиските полиции на Италија, Грција и Холандија, а Управата ќе учествува и во преговарачкиот тим за склучување договор за соработка со Германија во областа на борбата против криминалот.

Во текот на годината ќе се работи и на создавање технички услови за функционирање на секторите за посебни истражни мерки. Исто така ќе се изработуваат и Оперативни инструкции со кои ќе се имплементираат меѓународните стандарди за борба против криминалот со примена на најдобрите европски полициски практики.  

 

 

Comments are closed.

Close Search Window