28 октомври 2018, Скопје – Граѓаните и стопанството ќе имаат бенефит од владината помош за отплаќање на дел од натрупаните, а неплатени обврски на локалната самоуправа. Граѓаните ќе можат непречено да ги добиваат општинските услуги. Фирмите ќе може да наплатат дел од своите побарувања, со што ќе се зголеми ликвидноста на стопанството. Владата ќе активира и заштитни механизми, за да не се трупаат нови долгови. Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на прес-конференцијата во Владата со министерот за локална самоуправа Фазлиу и градоначалниците на Битола, Тетово и Гевгелија.

– Наследивме многу проблеми и многу последици од недомаќинското работење со финансиите. Дотогаш немало намера оваа ситуација да се среди. Еден од главните предизвици беа обврските на институциите. На централно ниво имавме обврски од 5.1 милијарди денари, за помалку од една година ги намаливме на 1.5 милијарди денари. Сега тие институции можат нормално да функционираат. Сега им помагаме на општините и на училиштата, градинките и домовите на културата во нивна надлежност. Со 3 милијарди денари, обезбедуваме поддршка за 51% од пријавените, а неплатени обврски. Она што е уште поважно е дека ќе се стави ред. Целта е проблемот да се решава, но и да се превенира негово повторување во иднина- рече Тевдовски.

Министерот за финансии посочи дека главна причина за натрупувањето на неплатени, а доспеани обврски кај општините е нереалното проектирање на буџетите. Се правеле буџети чии приходи биле проектирани нереално високо. Поради ова се преземале обврски кои потоа не можеле да се платат. Министерот рече дека Владата воведува механизми со кои ова ќе се спречи во иднина. Општините ќе може да ги проектираат своите приходи со најмногу 10% раст од просечната реализација во последните 3 години.

Министерот за локална самоуправа Фазлиу истакна дека овие средства не се да се наградат општините, туку да создадат амбиент сите граѓани, без разлика во која општина живеат, да ги добиваат потребните услуги.

-Надлежните институции да продолжат со неселктивно санкционирање секаде каде што ќе се докаже злоупотреба на функцијата. Секој треба да си ја понесе одговорноста. Ова е стимул за локалните власти, но во исто време законското решение, предвидува и заштитни механизми. Праксата на неконтролирано трошење на парите на граѓаните, мора да заврши, овде и сега – рече Фазлиу.

Градоначалниците на Битола, Тетово и Гевгелија рекоа дека наследиле високи обврски, чии камати го достигнувале основниот долг и го оневозможувале нормалното функционирање на општината.

-Општина во која статистилки во изминатите години основниот буџет се движел околу 9 милиони евра, ја затекнавме со неподмирени, а доспеани обврски кон доверители од 3,3 милиони евра. Овие пари заедно со сите преземени обврски по договори, по извршен попис заклучно со 31.10.2017 година, вкупно даваа сума од 12,5 милиони евра пари расходно устроени по нечии друг политики-рече Наташа Петровска, градоначалник на Битола.  

-Општина Тетово за жал се уште има доспеани неисплатени наследени долгови. Во однос на ова потребно е да се напомене дека општина Тетово ги има преземено долговите на помалите општини, што произлезе од промената на законот и креирањето на поголеми општини. Во изминатите години се трудевме максимално да сервисираме дел од долгот на општината, а притоа да бидеме во можност и да реализираме нови капитални инфраструктурнии проекти во интерес на граѓаните – рече Теута Арифи, градоначалник на Тетово.

-Кога го преземав раководењето со општина Гевгелија затекнав долг од 143 милони денари или околу 2,5 милиони евра. Згора на тоа нашата општина по однос на кредитни задолжувања на подолг рок има долг уште два милони евра. Изминатата година со домаќинско работење успеваме да вратиме околу 25 милиони денари, или 17% од долгот кон стопанството, бидејќи кај кредиторите имаме грејс период. Тоа не беше лесно, бидејќи мора да се балансира и да се извршуваат услугите кон граѓаните -рече Сашо Поцков, градоначалник на Гевгелија.

Градоначалниците ја поздравија одлуката на Владата  да покрие 51% од пријавените обврски на општините и истакнаа дека ова ќе помогне во нормално функционирање на општините.

 

Comments are closed.

Close Search Window