5 јуни 2017, Скопје – Денеска министерот за финансии д-р Драган Тевдовски оствари средба со претставници на Светска банка, предводени од директорот за Македонија и Косово, Европа и централна Азија – Марко Мантованели.
На средбата беше афирмиран партнерскиот однос на Република Македонија со Светска банка, беше разгледана состојбата на тековните проекти, како и можностите за идна соработка.
Почнувајќи од 1993 година, Светска банка е присутна во Република Македонија преку обезбедување техничка помош и финансирање 63 проекти во вредност од над 2 милијарди долари. Моментално, Светска банка учествува во финансирањето седум проекти што се во фаза на имплементација, во износ од 331 милион долари.
Соработката на Р. Македонија со Светска банка се одвива во повеќе области како што се: транспортна инфраструктура, општински услуги, енергија, социјална политика, образование, иновациска дејност, информатичка технологија, како и во областа на туризмот.