19 јули 2018, Скопје – Наследивме брзорастечки јавен долг, кој во периодот од 2008 до 2016 година беше зголемен за повеќе од трипати, односно од 1,5 на 4,7 милијарди евра. Министерството за финансии успешно управуваше со јавниот долг и во 2017 година, за првпат после 9 години, јавниот долг како процент од БДП беше намален, рече министерот за финансии Драган Тевдовски на расправата во Собранието за завршната сметка за Буџетот 2017.
– Важно е да се истакне дека беа исплатени и дел од доспеаните а неплатени обврски, оставени од претходната власт. Го подобривме повратот на ДДВ за фирмите и тој се реализираше брзо и неселективно. Значајно ги намаливме каматните стапки на државните хартии од вредност, ја продолживме рочноста на портфолиото и го намаливме ризикот за рефинансирање, и за првпат направивме откуп на постојна еврообврзница. Сето ова резултираше со зголемена доверба на инвеститорите. Кредитната рејтинг агенција Фич го промени изгледот на земјава од негативен во позитивен – рече Тевдовски.
Воедно тој додаде и дека Владата направила клучни промени во системот на јавните финансии со зголемување на транспарентноста.
– Непостоењето увид на јавноста во тоа како се трошат парите од страна на институциите, кои се собираат преку даноци, создаваше огромен простор за злоупотреби. Затоа, приоритет од првиот ден во јуни 2017 година ни беше транспарентноста на јавните финансии. Започнавме да објавуваме извештаи кои дотогаш не ѝ беа достапни на јавноста – рече Тевдовски и посочи дека се преземени и низа други чекори за подобрување на транспарентноста.
Како што истакна министерот, реформите во областа на фискалната транспарентност се препознаени од страна на релевантните меѓународни организации и ЕУ, а најсвеж пример е Советот на ЕУ.
По доаѓањето на власт на сегашната влада, нагласи министерот, економскиот раст во втората половина од 2017 влегол во позитивна зона, со стапка на раст од 0,7%. Приватната потрошувачка и извозот во текот на минатата година пораснале, додека невработеноста се намалила на 22,4%.
Во однос на приходите во Буџетот, министерот посочи дека имало солидна наплата и дека таа била повисока во однос на претходната година за 6,1%. Во однос на расходите, тој истакна дека редовно се покривале сите обврски на државата.
– Важно е да се нагласи дека со Ребалансот од август 2017 година од една страна беа скратени непродуктивни трошоци, трошоци за реклами, патни трошоци и репрезентација и слично, а од друга страна беа овозможени мерки кои обезбедуваат подобрување на животниот стандард на граѓаните или поддршка на претпријатијата. Минималната плата беше зголемена на 12.000 денари и таа придонесе просечната нето-плата да порасне за повеќе од 5%, при што секторите за текстил, облека и кожа забележаа двоцифрен раст на платите. Активните мерки за вработување се зголемија. Беа обезбедени и средства за решавање на материјалното обезбедување на стечајните работници, кои дотогаш не беа опфатени со постојните законски решенија – рече Тевдовски.
Министерот за финансии посочи и дека минатата година капиталните расходи се реализирани на историски највисоко ниво во износ од 19,86 милијарди денари, и се за 2,89 милијарди денари повисоки во однос на реализацијата во 2016 година. Одлична реализација имале проектите од програмата ИПА .
– Во рамките на капиталните расходи се реализираа крупни инфраструктурни проекти од комуналната инфраструктура за пречистителни станици во Радовиш, Струмица, Кичево, Прилеп, како и за рехабилитација на канализациони мрежи во Берово и Куманово, довршување на Проектот за доизградба на автопатот Коридор 10 – делница Демир Капија – Смоквица, реконструкција и доизградба на железничката инфраструктура, вложувања во енергетската област, во образованието, здравството и заштитата на децата – рече Тевдовски.
Буџетскиот дефицит е реализиран во износ од 16,86 милијарди денари или 2,7% од БДП. Тоа е за 1,71 милијарда денари помалку од проектираното со Буџетот.